Штипските пчелари бараат прогласување на елементарна непогода
Штипските пчерали бараат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се прогласи елементарна непогода поради редуцирањето на пчелните семејства.
Претседателот на Здружението на пчелари „Пелар“-Штип, Томе Тонев вели дека барањето е поради тоа што пролетните мразови и сушата предизвикаа редуцирање на пчелните семејства, а исто така драстично е намалено и производството на мед и други производи.
– Не паметиме ваква година кога во кошницата нема доволно мед ниту за самите пчели. Никаде нема мед. Многу ретко е некоја многу јака пчела да има мед за неа. Мора сите пчелари да ги потхрануваат пчелите, да им ставаат храна, ако сакаат да им преживеат, рече Тонев.
Тој додава дека друг проблем е тоа што како резултат од недастотокот од цветови и полен со кој се хранат младите пчели, пчелните семејства се се помалубројни.
– Нема доволно пчели кои треба да останат и да презимат. Тоа е најголемиот проблем. Во текот на зимата имавме и помор на пчелите. Кај мене има угинато 20 пчелни семејства, вели Тонев.
Тој смета дека надлежните служби треба да излезат на терен и да ја согледаат фактичката состојба, односно да утврдат до кој степен се редуцирани пчелните семејства. Од друга страна, недостатокот од мед ја покачи малопродажната цена на 400 денари за килограм, состојба која ја искористија трговците да увезуваат од странство. Во Штип има околу 100 пчелари кои егзистираат од производство на мед.