fbpx
Вести

Повеќе од третина од парите одат за храна – како изгледа македонската трпеза?

hrana

Цените релативно стабилни, а трошоците благо зголемени – ова го покажува споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика во однос на потрошувачката на храна. Анализите на Евростат и други меѓународни институции, пак, покажуваат дека Македонија е меѓу земјите со најевтина храна.

Храната поскапа за 0.9% за една година

Во јули годинава во однос на истиот месец лани цените на храната биле поголеми за 0.9%. Ова пред сè се должи на поскапените кафе, чај и какао за 6.8%; како и на поскапите овошје и зеленчук за 3.9 односно 3.8%. Поевтини биле маслото, месото и млекото за по околу 1%.

Цените на храната се стабилни последниве две години, речиси и нема промена. Сепак, податоците покажуваат дека сè поголем дел од домашниот буџет оди токму за оваа намена. Во 2014-та 37.2% од приходите на домаќинствата биле потрошени за исхрана, во 2015-та 38.5%, а во 2016-та 40.7%. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) две третини од парите се трошат за задоволување на основните потреби – храна, домување, покуќнина и облека.

Скромна трпеза – многу леб, малку месо

И со овие пари просечната трпеза изгледа  скромно – многу леб и компир, малку месо и риба.

Македонецот во просек секој ден јаде по околу 200 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз. Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по околу 80 грама, грав 15, кромид и лук околу 30, исто толку и зелка. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје 29 грама, кајсии и праски едвај надминуваат 10  грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 40 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и нешто под 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2016-та“.

Македонија меѓу најевтините земји во светот?!

Податоците на Евростат, пак, покажуваат дека најскапа храна во Европа има во Швајцарија, а најевтина во Македонија. Сепак, ако се направи споредба меѓу цените и приходите нашата земја се спушта на дното од табелата.

И други анализи ја сместуваат Македонија меѓу најевтините во светот.

Анализата на американскиот магазин Time која прави споредба меѓу просечните цени и куповната моќ на населението ја сместува Македонија меѓу најевтините десет во светот!

Time ги споредува државите со трошоците во Њујорк, па така во Македонија куповната моќ е за 49% пониска, а од друга страна кириите се помали за дури 94%, продуктите за 73% а локалните добра и услуги за 69%.

Според оваа анализа десетте најевтини држави се Јужна Африка, Индија, Косово, Саудиска Арабија, Казахстан, Замбија, Оман, Парагвај, Чешка и Македонија. Од регионот зад нас е Босна на 11-то место, па Србија на 18-то и Црна Гора на 26-то.

И истражувањето кое неодамна го објави GoBankingRates ја сместува Македонија меѓу најевтините земји. Според нивната анализа топ 10 најевтини се Македонија, Чешка, Парагвај, Оман, Замбија, Казахстан, Саудиска Арабија, Индија и Јужна Африка.

Од 20. до 11 место се наоѓаат во главно држави од нашето соседство: Бугарија, Грција, Србија, Малезија, Чиле, Молдавија, Пакистан, Колумбија, Полска и Босна и Херцеговина.

Критериумите кои ги земале во предвид се просечната плата, трошоците за сместување, цена на производи, ресторани и превоз.


 

денар.мк

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close