Винарска визба Тиквеш АД Скопје има доста интересна прва половина од годинава со раст на приходите што се должи најмногу на зголемениот интерес на странскиот пазар, а следствено тоа и има раст на вкупната добивка. Тоа што е специфично е што првиот квартал за ВВ Тиквеш беше профитно подобро изразен, додека пак во вториот квартал приходите се многу повисоки, но исто така растеле и трошоците.
ВВ Тиквеш во првото полугодие од 2017 има остварено 11,7 милиони евра приходи од продажба шго е за десетина проценти повеќе од лани. Најголем раст се бележи од продажбата на странскиот пазар која е зголемена за речиси 1 милион евра или изнесува 5,5 милиони евра тотал за првите шест месеци од годинава.
ВВ Тиквеш вкупно на домашниот пазар има продажба од речиси 6 милиони евра за овој период и тука бележи мал раст во однос на истото полугодие лани.
ВВ Тиквеш ги зголемил трошоците за продадените производи и услуги, продажбата и маркетингот за околу десетина проценти и тие изнесуваат околу 9 милиони евра во првото полугодие. Трошоците за вработените се речиси непроменети и изнесуваат 765 илјади евра
ВВ Тиквеш има фантастичен втор квартал ако ги поделиме приходите по тромесечја бидејќи во првото винаријата имала продажба вредна 4,6 милиони евра. Интересно е што во првиот квартал иако приходите биле помали добивката пак, повеќе „вредела“, односно профитната маржа била поголема. Така ВВ Тиквеш првиот квартал го заврши со оперативна неоданочена добивка во износ од 213 илјади евра.
Добивката на ВВ Тиквеш гледано вкупно за првите два квартала од 2017 е 320 илјади евра и секако е поголема во однос на истиот период лани за нешто над 5%. Податоците се однесуваат на консолидираниот финансиски извештај на ВВ Тиквеш каде се сумирани сите бизниси на компанијата.