Скандалот со штетните јајца се прошири во 40 држави
Европската Унија соопшти дека во 40 држави се откриени контаминирани јајца, меѓу кои 24 земји се нејзини членки.
Претставникот од Европската комисија, Вијтенис Андриукаитис, кој е задолжен за здравјето на луѓето и безбедноста на храната, денеска изјави дека само во четири од 28 земји членки на ЕУ нема јајца контаминирани со отровниот инсектицид „фипронил“.
Државите во кои нема од овие јајца се Литванија, Португалија, Кипар и Хрватска.
Во Европа се уништени милиони јајца и производи од јајца во кои се најдени траги од „фипронил“. Досега не се регистрирани случаи на заразени луѓе од јајцата.
Во Холандија, поради скандалот, се уапсени две лица, директори на компанијата „Чикенфренд“, на чии фарми се најдени заразените јајца. Тие се осомничени дека знаеле оти штетната супстанција што ја користеле е забранета.
Економската штета од скандалот само во Холандија се проценува на речиси 33 милиони евра.