Овошје и зеленчук од Македонија во руските трговски синџири
Производи од македонската прехранбена индустрија ќе може да се пласираат низ 300 синџири на маркети со околу 14 до 20 илјади продажни места во Руската Федерација.
Таквата можност за македонските производители на храна е создадена на средбата на бизнис делегацијата од Македонија, која деновиве престојува во Москва, со преставници на Евроазискиот деловен сојуз, соопшти денеска Македонско-руската стопанска комора.
Сопствениците и менаџерите на македонски компании производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук, кои изложуваат на саемската манифестација „Ворлд фуд Москва“, деталите за соработката со руските трговци ги прецизирале на средба со генералниот директор и со директорот за трговија на Евроазискиот деловен совет, Виктор Камболов и Вартан Симонсјан.
– Поголемиот дел од руските маркети веќе ќе бидат достапни за македонските производители од областа на прехранбената индустрија. Уште утре бизнисмените од Македонија ќе ги имаат првите директни средби со челните луѓе на 30 големи синџири на маркети од Русија. Сега „топката“ е кај македонските компании, истакнал Симонсјан на средбата во деловниот центар „Фуд сити“ организирана од Македонско-руската стопанска комора и „Македонски дом“, компанија формирана за зголемување на извозот на стока од земјава на големиот руски пазар.
Камболов, пак, оценил дека Македонско-руската стопанска комора и „Македонски дом“ во изминатите месеци направиле сериозен ангажман за промоција на македонските производители на храна на рускиот пазар и тоа веќе дава резултати. Следен чекор, како што навел, е продор на македонските производи во земјите од Евроазиската унија, покрај Русија, и во Ерменија, Киргистан, Казахстан и Белорусија, на што натаму ќе се работи.
Според Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, директните средби со руските бизнисмени од разни области ќе продолжи интензивно и во наредниот период со организација на тематски недели на македонски производители од повеќе гранки од прехрамбената индустрија. Меѓу првите кои пред заинтересираните руски трговци и претставници на ресторани ќе се појават се производителите на ајвар од земјава, за што веќе е пројавен значаен интерес на рускиот пазар.
Македонската бизнис делегација во „Фуд сити“ посетила и 10 оперативни оддели за продажба на свежо овошје и зеленчук. Комплексот е сопственост на најголемиот руски агро кластер и годишно во него се прави обрт од 1,8 милиони тони прехрамбени производи или 5.000 тони дневно, од кои 4.000 се овошје и зеленчук. Се простира на 345 илјади квадратини метри, има канцаларии од преку 30.000 квадратни метри и поседува современи складишен простор на површина од преку 300 илјади квадратни метри. За секоја категорија прехранбени производи во него егзистираат од 30 до 300 трговски друштва. Во овој деловен комплекс се стационирани деловни центри и претставништва на 36 земји од светот и 80 од руските региони. За сите нив, како што укажува Македонско-руската стопанска комора, сега се видливи и македонските производи преку „Македонскиот изложбено-трговски дом“ кој е лоциран во „Фуд сити“.
При посетата на овој комплекс прилепската компанија „Кривогаштани промет“ склучила договор со којшто станала 11-ти изложувач на производи во „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во „Фуд сити“ во Москва.