Николовски во посета на инспекторските служби на АХВ и на Фитосанитарна управа на граничниот премин Деве Баир
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа на Република Македонија, Ѓоко Танасоски и директорот на државниот инспекторат за земјоделство Јане Станкоски, го посетија граничниот премин Деве Баир, каде што свои инспекторски служби имаат Фитосанитарната управа и Агенцијата за храна и ветеринарство. Станува збор за важни субјекти на овие институции кои работат во областа на контрола на пратките од растително и животинско потекло, што влегуваат во земјава. Од посетата на терминалот, беше воочено дека изминатите години не се вложувало во службите на Фитосанитарната управа и на Агенцијата за храна и ветеринарство, на граничниот премин Деве Баир, а инспекторите работат во исклучително лоши услови, без елементарни услови за работа и за контрола на пратките од увоз. Функционирањето на инспекторските служби на граничниот премин Деве Баир е од исклучително значаење за Република Македонија, бидејќи се работи за премин преку кој има голем проток на пратки од растително и животинско потекло кои стигнуваат од Бугарија, Турција, Кина и од други азиски земји, а контролата на увозните пратки е важна за здравјето на граѓаните, животните и растенијата. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе работи на јакнење на капацитетите на овие две институции на граничните премини, бидејќи од нивната работа, зависи безбедноста и квалитетот на производите што се увезуваат во Република Македонија. |