Ќе се укине електронското полагање на ловечкиот испит
Се подготвуваат измени на законот за ловство со што ќе се поедностави полагањето на ловечкиот испит. По големи реакции од ловечките здруженија се предлага да се укине сегашното електронско полагање, што според ловџиите е покомплицирано и со малку термини во текот на годината.
Полагањето на ловечкиот испит ќе биде поедноставено. За разлика од новиот предлог, сегашната постапка е сложена со низа дополнителни трошоци за кандидатите.
Со предвидените измени, ќе се врати претходната класична форма на испитување, односно ќе се укине електронското полагање. Со законските измени, нема да има временско ограничување и ќе може да се полага во текот на целата година.
Од Министерството очекуваат законоските измени да се донесат во ноември, а првото полагање да биде најрано во декември годинава.
Повеќе од 1.300 кандидати ќе имаат можност да полагаат со претходно доставените апликации без никакви трошоци.
Исто така се очекува и објавување на јавен оглас за нови концесии на ловиштата кои досега немале концесионери.