fbpx
ВестиВкусот на традицијатаСовети

Одгледување на сладок компир (батат)

Во тропски услови е повеќегодишно растение, додека во суптропските и умерените реони е едногодишно. Расте и се развива при температури не пониски од 20°С, оптимумот е 30-35°С, додека при температура од 10°С не покажува животна активност.


Слаткиот компир се одгледува поради клубените кои се користат во исхраната на луѓето во варена, печена и пржена форма. Од него се добива и брашно кое се користи како додаток во лебот и кондиторските производи. Се употребува и за производство на алкохол, а се преработува и во шеќер.

Клубените во просек содржат: вода (69,0%), протеини (1,8%), масти (0,70%), скроб и шеќер (26,10%), целулоза (1,30%) и минерални материи (1,10%). Според енергетската вредност, слаткиот компир го надминува обичниот за 1,5 пати и во споредба со обичниот компир по вкус е многу сладок.

Хемискиот состав варира во зависност од реонот на одгледување, односно тој што е одгледуван во потоплите краишта, а особено во тропските, има повеќе шеќер, а помалку скроб. Се употребува и за исхрана на добитокот и тоа вегетативната маса и клубените кои се непогодни за исхрана на човекот.

Во одредени земји тој претставува и основна храна. Слаткиот компир е повеќегодишно растение, но се одгледува како едногодишно. И покрај името, слаткиот компир не е близок сродник на компирот (Solanum tuberosum).

Тој припаѓа на сосема друга фамилија, т.е. на фамилијата Convulvilacea (повивки), род Ipomo. Во тропски услови е повеќегодишно растение, додека во суптропските и умерените реони е едногодишно. Расте и се развива при температури не пониски од 20°С, оптимумот е 30-35°С, додека при температура од 10°С не покажува животна активност.

Надземниот дел и клубените угинуваат при температури пониски од 2°С. Вегетацискиот период е релативно долг и изнесува 130-180 дена во зависност од сортата и географската положба.
Оптимално количество врнежи во вегетативниот период е 750-1.000 мм, а најмалку 500 мм. Слаткиот компир се размножува вегетативно со изданоци кои избиваат од клубените. Тие се отчепуваат кога ќе достигнат височина од 20 цм и се садат на постојано место. Може да се размножува и со стеблени резници.

Постојат повеќе сорти. По однос на вкусот се делат на две групи: сорти со ароматичен вкус на тиква и сорти со вкус на костен, по печењето. Во умерените појаси се одгледува во плодоред. Основната обработка на почвата се состои од основно орање на длабочина од 30 см и култивирање на површината. Потоа се одбележуваат местата за садење. Бидејќи формира многу зелена маса и има голем принос, неопходно е ѓубрење со минерални ѓубрива. Според досегашни искуства во нашите климатски и почвени услови, односот на хранливите материи ИРК треба да биде 1:1,5:1,5, односно 60 кг/ха азот, 90 кг/ха фосфор и 90 кг/ха калиум.

Сортите што рано стасуваат се садат на растојание 70х40 см, а оние што доцна стасуваат на 80х50 см. Се сади подоцна напролет кога ноќните температури не паѓаат под 10°С, а почвата е доволно топла. Садењето може да биде рачно или со садачки машини. За производство на расад за еден хектар површина се потребни од 400-500 кг клубени со средна големина.

Според статистиките на Организацијата за исхрана и земјоделство на ООН (ФАО), вкупното светско производство во 2010 година изнесувало 107 милиони тони и се одгледувал на површина од преку осум милиони хектари со просечен принос од 13,2 т/ха.

Најмногу се произведува во Кина (81,1 милиони тони на површина од 3,7 милиони хектари). Приближно половината од приносот во Кина се користи како сточна храна. По континенти, најголем производител е Азија, па Африка. Во Европа најмногу се одгледува во Шпанија, Португалија, Италија, додека кај нас нема некоја особена традиција за консумација (можеби причина е и високата продажна цена во однос на обичниот компир и тиквата), па според тоа е малку застапен во производството и консумацијата.

Најголемо производство по глава на жител имаат земјите каде што слаткиот компир е основна храна: Папуа Нова Гвинеја (500 кг по човек годишно), Соломонските Острови (160 кг), Бурунди и Руанда (130 кг) и Уганда (100 кг).

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close