Пиперките скапуваат, откуп нема, земјоделците револтирани
За над шест илјади тони пиперки, нема обезбедено откуп. Земјоделците трпат огромни штети. Третина од вкупната реколта во прилепско стојат по нивите и дворовите на земјоделците, а ако не се обезбеди итен организиран откуп, родот ќе скапи. Земјоделците трпат огромни штети, секое семејство брои по 2-3 000 евра загуби, зашто прекинал интересот на откупувачите во Бугарија и Романија, каде пиперките ги продавале за многу ниски цени.
„Имав околу 30 тони пиперки, 20 тона се продадоа, имам уште 10 тони тука за продавање и сега со тие не знам што ќе се направи, дали ќе се продадат или ќе се фрлат. Беревме, носевме, нудевме, залегната пиперка… еве како се исфрлува веќе. Земјоделците од прилепскиот регион трпат огромни штети“ – реагираат Александар Шипинкоски и Борис Грујоски, двајцата земјоделци од прилепското село Обршани.
И нивните соселани се чувствуваат изиграни, зашто велат зависат од препродавачите. Трговците тврдат имаат краен збор во оваа купо-продажна игра, во која родот го продаваат за крајно ниски цени, со кои не можат да ги платат ни трошоците за производство. Зелената пиперка се жалат индивидуалните производители не може да ја продадат ни за 6 денари за килограм.
„Дваесет денари одеше првата класа, ама сега зелената 4 денари, тоа се 24 денари, да ги поделиме 12 денари… Со 12 денари ние производство не можеме да излеземе, бидејќи литар нафта е едно евро, нас ни требаат пет килограми производ, за литар. Државата нешто да помогне, а не да се жали со стимулации за градинарски, за не знам механизација… Од тоа овде на терен, не можеме ние ништо да видиме“ -револитирани зборуваат оние кои живеат од земјоделство.
Градинарите загрижени за својата егзистенција сега бараат итна помош од државата, исплата на отштета, субвенција по килограм, а не по хектар и дефинирање на заштитна цена за пиперките, која мора да биде за триесет отсто повисока во однос на сегашната велат.
„Од Министерството за земјоделство ние бараме да ни ја исплати оваа штета за зелената пиперка од 6 до 7 денари од килограм од која што е предадена и исто бараме и заштитна цена“ – ги пренесуваат барањата на прилепските земјоделци Игор Сидороски и Рубин Шефтероски.