fbpx
ВестиВкусот на традицијата

Македонски производи од риба на грчкиот пазар

Реализиран е првиот извоз на производи од риба на пазарот на соседна Грција, откако во септември годинава Република Македонија беше ставена на листата земји чии објекти се одобрени за извоз на ваков тип производи на пазарот во Европската унија.

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов ја посети компанијата „Метро” од Скопје, која деновиве го реализира првиот извоз на производи од риба на пазарот во соседна Грција, по добивањето на одобрението од Европската комисија.

Отворањето на европскиот пазар, како што истакна Атанасов на средбата со менаџерскиот тим на компанијата, отвора нови перспективи за развој на компаниите од рибниот сектор во Македонија, но, пред се, за интензивирање на домашното производство на риба, за што, како земја, имаме солиден потенцијал за развој.

– Преку оваа компанија, но и преку други кои ќе ги исполнат европските критериуми и ќе бидат одобрени за извоз на пазарот на ЕУ, покрај производите од риба, ќе може да се пласира и риба до домашно производство, за што во процедура е добивањето на одобрение од ЕУ за извоз на жива риба. Како институција, спроведуваме мониторинг на одредени болести кај рибите од видот пастрмка и крап, врз основа на што наскоро очекуваме да бидеме прогласени за земја со статус слободна од болести и да добиеме и дозвола за извоз во Европската унија. Отворена е врата на ЕУ, но, и производителите мора да ги исполнат европските стандарди за да можеме да извезуваме и риба на овој голем пазар, рече тој.

Директор во „Метро” Јован Милошески посочи дека извозот на пазарот во соседна Грција е плод на досегашната соработка со трговските партнери од оваа земја од каде компанијата увезува свежа риба и морски плодови.

– Добивањето на дозволата за извоз на пазарите во ЕУ покрај постоечките отвори и нови пазари. Интерес за соработка има од компаниите од рибниот сектор од соседните, а по отворањето на европскиот пазар и од компании од Словенија, Шпанија и од Холандија. Перспективи за развој има и во примарното производство кое ја има поддршката од државата и во трговијата со риба и производи од риба. На нас останува да ги подигнеме стандардите, рече Милошоски.

Добивањето на дозволата за извоз на производи од риба на европскиот пазар уследи по извршената ревизија од страна на инспекциски тела на ЕУ и по проверката на контролниот безбедносен систем за храна во земјава, се наведува во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close