Заврши жетвата на оризот, откупот неизвесен
Жетвата на оризот заврши. Родот е добар, но преполовен заради двојно помалку насеаната површина оваа пролет. Колкава ќе биде цена е сѐ уште неизвесно и се чека почеток на откупот на арпата и на белиот ориз.
Заврши годинешната жетва на оризот. Временските услови за разлика од другите култури за оризот беа поволни во текот на целата вегетацијата.
Површината под оризова арпа за оваа година во кочанско изнесуваше 2.950 хектари, а вкупниот принос е 12.700 тони.
Просечениот принос по хектар е 4.300 килограми. Кај земјоделските фирми просекот е поголем односно 4.650 а на приватните ниви ожнеани се во просек по 4.250 килограми.
Двојно помалку насеаните површини поради сушата и недостигот на вода во акомулациите донесе и двојно помали количества на оризова арпа која лани изнесуваше скоро 25.000 тони.
Откупот на арпата и белиот ориз досега не е почнат и не се знае колкава ќе биде откупната цена.
Лани оризот во Македонија го откупуваа 18 регистрирани компании.