fbpx
ВестиСовети

Заштита на стрните жита и луцерката од штетни глодари

gluvci

Глодарите се животни со мали димензии и темна боја. Една од главните карактеристики на глодарите е секако нивниот огромен биолошки потенцијал. Тие се најплодни цицачи, со најголем број на генерации во текот на годината. Повеќе пати во текот на годината женките даваат млади, кои за два до три месеци се полно зрели и способни за оплодување. Видот кој прави најголеми штети и кој се смета за најштетен меѓу полските глодари е Microtus arvalis –полска волухарица или нивски глушец. Исто така штети на посевите прават и Apodemus agrarius –пругаст полски глушец и Apodemus flavicolis –голем полски глушец.

Иако овие видови секогаш се присутни на обработливите површини, нивната бројност значително варира. Во почетниот период  во многу мал број се присутни на обработливите површини, и воглавно се наоѓаат во своите природни жаришта. Кога ќе настапи година со поволни временски услови, (топла и долга есен, сува и блага зима и суво и топло време во рана пролет), и до колку има доволно храна,  почнува брз пораст на нивната бројност. Нападнатите парцели лесно се познаваат по многуте оази од оштетени и пропаднати растенија. Треба да се спомени дека овие видови апсолутно не поднесуваат влага. Дождливото и магливо време ја намалува бројноста до минимум. Зимата во услови на јаки голомразици лесно страдаат. Снежниот покривач не им смета, туку ги штити од студот, и тие се многу активни кога копаат канали во снегот и ги оштетуваат младите растенија. Големите суши во текот на летните месеци се неповолни за нив бидејќи пречат во развојот на јајните клетки и така доаѓа до намалување на наталитетот. Природни резервати на глодарите каде секогаш се присутни и опстојуваат во најнеповолни услови се: пасиштата, утрини, насипи. Оптимални услови за развој  каде постигнуваат максимална бројност се обработливите површини под стрни жита, луцерка, детелина.  Природните непријатели имаат значајна улога во намалување на бројноста на штетните глодари. Тоа се птиците грабливки, ноќниот ут лови 10-15 глувци за една ноќ. Ласиците и лисиците редовно ги ловат. Една лисица дневно лови 30 до 40 глувци.

Стрните жита, покрај луцерката и детелината спаѓаат во групата на посеви кои овозможуваат оптимални услови за живот на малите полски глодари. Критичниот период е од никнење па се до жетва. Најмногу страдаат младите жита во пролет, а подоцна  ги потсекуваат стеблата,  ги отсекуваат класјето, ги јадат зрната од нив и можат цела жетва да ја уништат. Тоа е дост долг временски период и секако повејќето хемиски мерки за сузбивање на глодарите се изведуваат во овој период-крај на есента и почетокот на пролетта. Во текот на зимата освен стрните жита и луцерката, која представува сигурен извор на храна, друга храна скоро и да нема , и сосема е логично дека најголемо оштетување кај стрните жита има во овој период. Густината на склопот на посевите со житарици оневозможува  извршување на агротехнички операции во текот на вегетацијата, така што подземните ходници на глодарите остануваат поштедени од уништување. Густината на склопот и висината на посевите на житариците на малите глодари им служи и како одличен заклон од природните непријатели, особено на птиците грабливки. По жетвата, со обработка на почвата ваквите оптимални услови за глодарите се прекинуваат и доаѓа до уништување на значаен дел од популацијата, а преживеаните единки приморани се на миграција од оваа парцела.

Сузбивањето на глодарите е многу сложена задача. Поединечно третирање на парцелите не може да даде задоволителни резултати.  Така во случај на масовна појава на овие видови, третирањето на една парцела не е доволно, бидејќи и покрај тоа што со хемиските мерки се редуцира нивната бројност на дадената парцела, преживеаните единки ќе мигрираат на друга парцела. Само со сеопфатна акција, која подразбира сузбивање на глодарите на поголема површина може да даде позитивни резултати.  Многу е важно при сузбивањето да не се чека масовна појава на глодарите туку сузбивањето да се врши систематски секоја година. Агротехничките мерки значително влијаат на намалување на бројноста на популацијата на овие видови глодари. Од големо значење е благовремена жетва со што помалку ронење на зрна, заорување на стрништето, уништување на плевелите, длабоко орање. Хемиските мерки на борба подразбираат примена на Родентициди. Интензитетот на напад се одредува врз основа на бројот на активни дупки на еден хектар. Проверката на активните дупки се врши на тој начин што дупките се затвораат зо земја, а следниот ден се утврдува кои се откопани-активни. До колку на еден хектар постојат повеќе од 500 активни дупки, тогаш се пристапува кон заштита на посевите со препарати во облик на мамци: gardetop, brodilonpelete, brodisan-A, galobrom-AB, surodiolon zrna, zorodiollon mamci и др. Третирањето-поставувањето на мамците се врши во есен и пролет. Мамците се поставуваат во дупките и се покриваат со земја.

 

Петар Трајковски, Советник во АПРЗ

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close