Хрватска „Агрофруктис група“ купи три македонски фирми
Хрватската групација „Агрофруктис“ соопшти дека презела три големи откупувачи на свежо овошје и зеленчук во Македонија. Станува збор за компаниите „Вант“ од Струмица, „Еуро-агрија“ од Ново Село и „ВБА-футура“, повторно од Струмица, кои годишно откупуваат околу 20.000 тони свежо овошје и зеленчук со пазарна вредност од над 7 милиони евра.
„Агрофруктис” веќе е сопственик на најголемиот откупно-дистрибутивен центар за свежо овошје и зеленчук во Македонија.
„Со оваа аквизиција ќе ја зајакнеме нашата позиција на набавниот пазар и дополнително ќе ги пополниме капацитетите со проширување на суровинската база. Очекуваниот ефект е зголемување на обемот на производство, а исто така и ширење на нови пазари“, рече претседателот на управата на „Агрофруктис група“, Денис Матијевиќ.
Во наредниот период од компанијата најавуваат дека планираат да продолжат со активности насочени на натамошна концентрација на работа со свежо и конзервирано овошје и зеленчук преку органски раст, нови аквизиции и гринфилд-инвестиции.