fbpx
ВестиВино

Саем за вино во Солун – Вино не се меша со политика

Старите велат во виното е вистината, додека посетителите на Саемот за вино кој на 2-ри овој месец се одржа во Солун, порачуваат дека не треба виното да се меша со вода, но и со политика.

Денот беше врнежлив, но дождот само уште повеќе ја зголеми романтиката што на животот му ја дава виното, како мелем за душата.

Прекрасно беше да се слушаат раскажувањата за вината полни со историја, традиција, култура. Меѓу нив и такви чиј рецепт е стар илјадници години, со митолошки елементи, врски со божества, монашко производство.

Особено внимание предизвикуваа шишињата со драгоцена течност кои не се сериско производство, туку ги има во одреден број примероци и претставува вистинско задоволство и привилегија да се имаат во сопствената колекција. За пиење, или за гледање и фалење. Најскапите од нив, како вистинско богатство се чуваат во посебни ковчежиња и достигнуваат и баснословни суми и до над две илјади евра за шише од литар и пол.

Стилијанос Вулгарис, консултант за вино и сопственик на компанија која дистрибуира француски вина, ни појасни меѓу другото за најстарото француско вино што се продава на Балканот. Во следните месеци ќе го презентира и во Македонија.

Марија Нетсика, организатор, ни кажа дека станува збор за петнаесетто издание на саемската манифестација која годинава е на друга локација, на поголем простор. Имаше околу 140 учесници производители, но и трговци. Од Грција и други земји, но немаше претставници од Македонија. Иако домаќинката нагласи дека можат да дојдат доколку сакаат да го презентираат своето винско производство. Можеби годинава ќе имаат поголема посетеност за два дена, рече дека очекуваат стандардно, околу пет илјади посетители, вински туристи, меѓу кои и Македонци.

Вулгарис досега не вкусил македонско вино. Зошто да не, одговори на нашето прашање дали би пробал. Ни кажа дека слушнал оти станува збор за производи со добар квалитет. За разлика од него, Нетсика рече дека имала можност да го проба и нагласи дека и се допаѓа, го оцени како интересно. Дека има пробано македонско вино и дека црвеното го сака повеќе од белото, дознавме од Рајка Чингова, професор на универзитет во Благоевград, која рече дека е професор и на приватен универзитет во Битола.

– Првпат сме на ваков саем во Грција. Дојдовме на покана на наши пријатели, добро е организирано, многу масовно. Кога поминуваме кај Кавадарци на есен често гледаме трактори полни со грозје. Штом потекнувате од вински крај сигурно знаете дека има само една песна за бело вино, онаа во која се пее, оо бело вино, зошто не си црвено, коментираше таа меѓу другото.

Тиквешани како најголеми производители на вино во Македонија и најдобри мајстори на винарскиот занает кој патем речено има и најдолга традиција во Тиквешијата, милуваат да кажат дека виното не се пие голо или без мезе, туку со добра подлога, за да може уште повеќе да се ужива во него. Можеби токму поради тоа, присутните на саемот можеа покрај добра голтка, да дегустираат и извонредни мини сармички од лозов лист и ексклузивни чоколади со висок процент на какао, чија цена за сто грама достигнуваше и до 24 евра.

А вината, прекрасни, не знаеш кое од кое е поубаво. Изобилство од мириси, вкусови, ароми, шмек. Седум евра се плаќаше задоволството да се биде дел од тоа винско царство. Повеќе од половина од таа цена, или 3.70 евра, чинеше само едно капучино на шанкот во објектот, пред влезот во саемскиот фестивал во слава на неговото величество, виното.

На саемот за вино, не разговаравме само за вински теми. Напротив, со нашите соговорници, како да се знаеме со години, разврзавме пријателски муабет и подискутиравме и за многу други работи. Така дознавме дека многу од грчките државјани доаѓаат во Македонија како стоматолошки туристи. Поради, како што рекоа, мошне квалитетните и ефтини стоматолошки услуги. Разбравме дека им се допаѓаат и вкусот и цените на македонските цигари.

На саемот за вино во Солун заминавме со група енолози, членови на Здружението на винари на Македонија, со седиште во Кавадарци. Заменик претседателот на Здружението Елена Богева кажа дека саемот на вино што го организира WINE PLUS клубот од Солун го посетуваат секоја година.

– Секоја година нашите пријателства се прошируваат и зацврстуваат. И ние и тие, заеднички имаме една страст, а тоа е виното. И годинава имаше одлично организирана манифестација со мастер клас предавања за нивните автохтони сорти. Здружението ќе продолжи со ваквите активности и пријателски средби, нагласи Богева за МИА.

Заеднички ги поканивме нашите пријатели на дегустација на вина во Тиквешијата, за да ги почувствуваат производите од грозје од поднебјето за кое во минатото се велело дека раѓа вино, толку вкусно и густо, што можело во крпа да се носи.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close