Црвениот и златниот делишес најзастапени сорти на јаболка во Македонија
Македонскиот сортимент за јаболко, главно, е сличен со оној на земјите производители во регионот, затоа што во тој простор се задржуваат навиките и тој претставува значаен пазар за обезбедување на саден материјал. Она што се нуди како избор на сорти е прифатено и од нашите производители.
Водечка сорта во јаболковото производство е ајдарот со застапеност над 70%. Нејзиното присуство се темели на побарувањето на потрошувачите и економската оправданост и рентабилноста која е многу важна за производителите. Оваа сорта долг период се одржа во производство и зголемената понуда доведе до намалување на продажните цени и до намален интерес на потрошувачите Во изминативе неколку години видно се намалува интересот од страна на производителите за подигање на нови насади од оваа сорта.
Во таа насока повторно се пројавува интерес за засадување нови насади со сорти од групата на црвен и златен делишес. обоени мутанти на јонаголд, муцу. фуџи, гала, грени смит, сорти кои се актуелни во западните производни подрачја. Иако сортата црвен делишес официјално е призната во 1881 година, таа и по 134 години зазема значајно место во сортиментот. Таа послужила како еден од родителите за креирање на нови сорти, но многу значајни се некои од мутантите кои се во производство.
Оваа сорта има изразени мутагени својства така што секогаш може да се смета на добивање нови мутанти. Од новите мутанти се бара тие да бидат подобри од мајчинската сорта, но при тоа да ја задржат карактеристичната форма на плодот со изразени потреба и интензивно црвена боја, што Ја прави препознатлива низ целиот свет. Кај нас постојат идеални услови за одгледување на оваа сорта. Во производство се внесуваат најдобрите мутанти, а во овој период најмасовно се застапени следните: ред чиф, супер ред чиф, ред кан, скарлет и др.
Сортата златен делишес исто така, е водечка сорта во некои земји и во иднина таа ќе го задржи приматот. Кај нас се забележува поинтензивно подигнување на нови насади заедно со црвениот делишес. Бидејќи златниот делишес, поради климатските промени е изложен на се почеста појава на мрежавост и ‘рѓа, неговото проширување стагнираше. Но, со воведувањето отпорни мутанти како што се рајндерс клон Б смути и други, интересот се зголемува. Исто така. се менуваа и останатиот сортен состав, се засадуваат насади со обоени мутанти на јонаголд, како што се јонаголд рубинстар, дакоста. јонаго ред и др.
Сортата муцу и понатаму бележи благ пораст во сортиментот. Таа има примамлива големина. боја и вкус, па напоредно со тоа има и свои потрошувачи. Од поновите сорти. новина во сортиментот претставуваат сортите фуџи и гала со своите мутанти. Сортата Фуџи може да заземе позначајно место.
Сите овие сорти би имале подобар пласман на надворешните пазари. Особено е значајно и тоа што се поголем замав зема изградбата на ладилници во кои се чуваат плодовите до нивната продажба и така на потрошувачите им се нудат свежи производи и понудата на производите е порамномерна со што се избегнуваат зголемените понуди особено на сорти кои полошо се чуваат во обични ладилници. Со ваквиот начин на понуда може да се смета на попрофитабилно производство и опстанок на овоштарските работници.
Менувањето на сортниот состав треба да биде во заедничка соработка со трговските организации и научно- стручните работници кои се занимаваат со овој дел од земјоделството. Не треба да се заборават некои сорти кои се одгледуваа порано, а имаат локален карактер. Тие низ вековите се одржале на овие простори и одиграле огромна улога во опстанокот на семејствата. Брзиот влез на новите технологии и сорти овозможи многу сорти да бидат истиснати од понатамошно производство иако тие низ вековите се одржале и придонеле повеќето производни региони и понатаму да продолжат со јаболково производство и претставуваат носители на тоа производство.
Во Р. Македонија секое овоштарско подрачје си имало посебен белеги свои карактеристики, се одгледувале сорти од локално значење, а во најмала мера се нуделе и во регионот. Пошироката заедница треба да посвети посебно внимание на тие автохтони сорти за да не се изгубат засекогаш. Ќе ги наведеме следните сорти: преспанка, тетовка, охридска аламанка, пашалма и др.
Извор: Моја земја