Неизвесна новата реколта на оризопроизводителите од Кочанско
Оризопроизводителите од Кочанско реагираат на ниската откупна цена за минатогодишната реколта. Италијанските сорти, како „Андреа“ и „Глорија“кои со децении наназад се сеат на оризовите полиња, се откупуваат за 40 денари за килограм бел ориз, а турските сорти кои од пред неколку години се застапени во производството, се откупуваат за 35 до 38 денари.
- Таа цена не ги задоволува потребите на земјоделците. Ние имаме повеќе трошоци отколку што ќе земеме. Немаме никаков есап да го работиме оризот-изјави Милан Трендов оризопроизводител од с. Оризари-Кочани
Тие не се задоволни и од работата на здружението и кластерот на оризопроизводители, чија основна задача е да ги бранат нивните интереси, но засега од тоа нема ништо.
- Ништо не се решава. Се тресе само празна слама и тоа е тоа. Значи катастрофа. Оризопроизводството е пред замирање- додаваТрендов
Дискутабилна е и претстојната сеидба. Минатата година поради недостаток на вода за наводнување површините под ориз беа речиси преполовени. Во моментот брана „Калиманци“ е полна 40 %, што е солидно за овој период од годината, но доколку нема поголеми врнежи во следните 2-3 месеци, голема е веројатноста површините да бидат дополнително редуцирани.