Мегазделка ја создаде најголемата компанија за марихуана во светот
Два канадски одгледувачи на марихуана се соединија за да создадат корпорација вредна 6 милијарди долари.
Купувачот во трансакцијата е „Aurora Cannabis“ која го стекнува малиот производител на канабис „CanniMed Therapeutics“, соопштува „BBC“.
Канада планира да ја легализира марихуаната за забавни цели во средината на оваа година. Тоа е и главната причина компаниите да развиваат активности во оваа сфера да бараат патишта за обединување со надеж за заземањето на пазарен удел од новосоздадениот пазар.
Зделката е најголемата засега во канадската индустрија за марихуана, а обединувањето ја создава и најголемата компанија во светот која се занимаваат со одгледување на канабис.
„Aurora“ плати околу 850 милиони долари за купување на „CanniMed“. Според аналитичарите, целта на овој договор е сериозното навлегување во сферата на медицинските производи создадени на база на марихуаната.
Во минатата година, канадскиот премиер Џастин Трудо вети дека ќе го легализира регулираниот пристап до марихуаната со цел да се намали пристапот на младите до илегалниот пазар на канабис.
Парламентарната буџетска комисија во Канада излезе со пресметки дека минатата година околу 4.6 милиони лица на 15-годишна возраст и повеќе употребиле канабис барем еднаш.
Тоа значи дека 655 метрички тони канабис ќе се користат само оваа година.
Канада е меѓу ретките земји во светот за легализација на марихуаната за забавни цели. Меѓу нив се Уруграј, Холандија и неколку држави во САД, иако на федерално ниво ова сè уште се смета за нелегално.
Општо земено, индустријата за марихуана е во период на консолидација. Според студија на советниците од „EY“, 87% од раководните кадри очекуваат спојувања и превземања во секторот со цел проширувањето на пазарите.