fbpx
Вести

Што значат броевите на дното од пакувањето на млекото?

mleko

Последниве години во медиумите и на социјалните мрежи сретнувавме разни информации за тоа што значат броевите на дното од пакувањето на млекото. Пласираните информации, првенствено во светските медиуми, и тоа претежно оние што се ориентирани кон теми поврзани со здравата исхрана, се однесуваа на тоа дека овие бројки, всушност, значат колку пати е преработено млекото, што предизвика низа сомневања и кај македонската публика.

Информацијата отиде дотаму што се пишуваше дека според законските прописи, млекото на кое ќе му истече рокот, доколку се врати на пастеризација на 190˚С, може потоа повторно да се консумира. Медиумите се осврнуваа на некои законски нормативи дека тоа може да се прави 5 пати, па тука ја најдоа причината зошто на дното на некои амбалажи има броеви од 1 до 5, во смисла дека 1 е со најдобар квалитет, а 5 значи дека на млекото 5 пати му истекол рокот и е 5 пати преработено.

Сепак, фактите говорат дека овие информации не се точни. Броевите на дното на амбалажите се чисто технички информации, кои немаат никаква допирна точка со самиот производ и во никаков случај не означуваат дека млекото е неколку пати пастеризирано.

Од „Битолска млекарница“ велат дека во Македонија воопшто и не постои линија за стерилизација (пастеризација) на 190 степени. „Во млекарската индустрија не постои технологија со која еднаш стерилизирано млеко може повторно да оди на температура на стерилизација, без притоа да се случат биохемиски процеси кои крајно и видливо ќе го нарушат составот на млекото, односно ќе го направат неупотребливо за исхрана. Имено, стерилизацијата е термички процес кој еднократно се применува во млекарската индустрија со цел да се добие производ со добар микробиолошки квалитет и максимален рок на траење од 6 месеци. На дното на нашите амбалажи броевите што се испишани се технички информации на производителот на амбалажата, а втиснатите броеви означуваат со која полнилка на машината е наполнет соодветниот производ. Овие бројки се многу важни за нашиот систем на следење, односно во случај на добивање одредена рекламација за производите поефикасно да се дојде до коренот на евентуалниот проблем со полнилката“, вели Радмила Чобанова-Василевска, директор за контрола на квалитетот во „Битолска млекарница“.

Според Сашо Василевски, технички директор во млекарницата „Здравје Радово“, темата стана актуелна последниве години. Станува збор за класична дезинформација. За појаснување, млекото во својот состав содржи протеини, јаглеродни хидрати (шеќери), масти, витамини, минерали и вода. Самиот состав на млекото не дозволува повеќекратни термички третмани. Доколку млекото термички се третира повеќепати, млечниот шеќер (лактозата) ќе карамелизира, што би резултирало со промена на бојата и вкусот на млекото. Протеините ќе денатурираат, односно нивното разложување ќе го блокира процесот на стерилизација, со што производот станува неупотреблив за исхрана. Клучното прашање што се наметнува е во значењето на бројките на дното од амбалажата. Производителот на амбалажата и производителот на машината за пакување ги користат овие бројки како ознаки за следење на производниот процес. Почитувајќи ги стандардите за квалитет и безбедност, следливоста е наша задолжителна обврска. Целта е да имаме можност да го следиме квалитетот на секој наш одделен производ во секое време.

Производителите на амбалажи, кои истовремено се и нивни доставувачи, SIG Combibloc, велат дека броевите поставени на дното на секое пакување се технички информации релевантни за нив како доставувач на материјали за пакување и се користат за внатрешна контрола на квалитетот и за следење.

„Оваа информација е референца единствено за материјалот на пакувањето и не е релевантна за ниту еден производ што се наоѓа во амбалажата. SIG Combibloc има воспоставен систем за идентификување на серијата на производите со цел да може да се следат суровите материјали од преработка до дистрибуција“, изјави Масимо Анаратоне, извршен директор на SIG Combibloc, Италија и директор на продажба за Југоисточна Европа.


 

а1он

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close