Извоз на месни и млечни производи во Русија
Од овој месец, Македонија ќе почне да извезува млечни и месни производи на рускиот пазар.
Ова следува откако минатата недела официјално ни беше одобрен пласман на живина во ЕУ, а во ноември минатата година беше потпишан и договор за извоз на замрзнато јагнешко месо во Кина.
„Го отворивме и рускиот пазар, како стратегиски голем за нашите компании кои во текот на февруари треба да ги извезат првите количини млечни и месни производи“, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски.
Според него, сите мерки кои ги презема Владата се во насока на обезбедување поголемо производство. Македонија е позната по квалитетните производи, но количините кои се бараат особено на големите пазари се’ уште се проблем.
„Нашата цел е да им помогнеме на сите земјоделци да го зголемат своето производство. Така ќе можеме да конкурираме со количини, особено на големите пазари. Максимално работиме на отворање на сите пазари кои досега беа затворени за нас. Веќе докажавме дека сме познати по квалитетни, безбедни производи согласно со ЕУ-стандардите“, рече Поповски.
Македонија може да извезува млечни производи и во САД. Се работи и на извоз на месни производи, на одобрување пласман на риба што наскоро се очекува, како и на извоз на производи од живинско месо во ЕУ. Според директорот на АХВ, ќе останат уште производите од свинско месо за кои, како што рече, во наредните години исто така ќе биде овозможен извоз на европскиот пазар, а оттаму и во сите други држави.
Во врска со здравствениот статус на животните и неговата следливост, Поповски е дециден дека системот на заштита функционира на највисоко ниво, согласно со барањата на ЕУ.
„Македонија многу напредна во овој сегмент, но и натаму интензивно работиме за да бидат исполнети сите, и најмалите аспекти. Веќе и официјално, нашите живинарски фарми може да извезуваат во ЕУ, а одобрен е и извоз на млечни производи, говедско месо. Се надеваме на позитивен извештај во најбрз рок за извоз на производи од живина. Сето ова укажува дека контролата во делот на здравствената заштита е на високо ниво, а и контролата на прехранбените производи од животинско и неживотинско потекло е на највисоко ниво, согласно со ЕУ-регулативите и стандардите“, нагласи Поповски.