Најосновните прехранбени производи во Германија се поевтини од истите производи во супермаркетите низ Македонија
Најосновните прехранбени производи, како и средства за хигиена, во Германија се поевтини од истите производи во супермаркетите низ Македонија.
Тоа значи дека просечниот македонски граѓанин плаќа многу повеќе за основните продукти отколку германските потрошувачи, посебно ако се земе предвид големата разлика во стандардот и примањата.
Во продолжение следуваат резултатите од истражувањето на Дојче веле кое го спроведе низ германските и македонските супермаркети, пишува Фактор.
Леб
Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра (51 денар), а француски багет од 250 грама чини 0,60 центи (36 денари). Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.
Масло за јадење
Еден литар од најевтиното сончогледово масло за готвење во Германија чини околу 1 евро (60 денари). Во Македонија еден литар од најевтиното масло чини 65 денари.
Млеко
Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско” млеко е околу 1 евро.
Кашкавал
Кашкавалот од типот Гауда и Едамер во Македонија чини од 350 до 370 денари за килограм. Во Германија, холандската Гауда ќе ве чини околу 5 евра за килограм (300 денари), а Ементалер околу 5,4 евра (330 денари).
Сол и шеќер
Сол во Германија чини околу 1,38 евра за килограм (85 денари), во Македонија 28 денари. Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот е 38 денари за килограм.
Ориз и брашно
Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи (48 денари) за килограм.Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи (18 денари) за килограм.
Јајца
Мала табла со шест јајца во Македонија чини околу 50 денари, а во Германија околу 1 евро (60 денари).
Зеленчук
Доматите во Македонија чинат меѓу 80 и 120 денари за килограм, а во Германија – 2,50 евра (150 денари). Краставиците чинат 192 денари за килограм во Македонија, а во Германија 0,70 евра (42 денари) е едно парче кое вообичаено тежи меѓу 250 и 300 грама. Килограм пиперки во Германија ќе ве чини околу 2,50 евра (150 денари), а во Македонија 125 денари.
Овошје
Јаболката во Македонија се продаваат од 23 денари за килограм, па нагоре. Во Германија најевтините домашни јаболка не можете да ги најдете за помалку од 1 евро за килограм, а увозните достигнуваат и до 3 евра. Мандарини во Македонија чинат околу 45 денари за килограм, а во Германија 1,33 евра (80 денари) за килограм.
Вино
Цените на виното во Македонија се релативно високи во споредба со она што се нуди на европските пазари. Најевтиното сортно македонско вино започнува од 170 денари за шише, а поквалитетното се нуди во просек за 500 денари. За споредба, македонско вино флаширано во Германија во овдешните супермаркети чини 1,6 евра (100 денари). Врвните сорти во Германија можат да се купат за просечни 6-7 евра.