Технологијата може да има клучна улога во зајакнување на руралните жени
Додека дигиталната револуција полека, но сигурно ги стигнува и руралните области во многу земји во развој, руралниот дигитален јаз и понатаму претставува значителен предизвик. Жените имаат уште поголем проблем, а тоа е соочувањето со поделба по три основи: дигитална, рурална и родова.
Новата публикација на ФАО за вклучување на родовите прашања во користењето на информатичките и комуникациските технологии, достапна на англиски јазик, открива како мажите и жените во руралните средини можат да ги искористат предностите на паметните технологии.
“И покрај ветувањата на дигиталната револуција, руралните жени сè уште немаат ист пристап до и контрола над информатичките и комуникациските технологии како мажите”, вели Софи Треин, експерт на ФАО за управување со информации и знаење.
Причините за ова вклучуваат културни и социјални фактори, ограничено време и мобилност, оптеретеност со работа, недоволни финансиски ресурси и ниско ниво на образование. Сепак, во многу случаи, технологијата може да помогне во надминување на овие пречки, при што важно е на руралните жени да им се обезбедат можности за искористување на придобивките од овие технологии.
“Со цел никој да не биде изоставен, а истовремено да се спречат понатамошни поделби, ФАО предлага развивање на национални стратегии за дигитализација во земјоделството и руралниот развој, во кои ќе бидат адресирани и родовите прашања”, додава Трејнин.
Со родово – одговорен пристап, овие стратегии можат да ја унапредат родовата рамноправност во руралните средини и да влијаат врз намалувањето на сиромаштијата преку зголемено земјоделско производство, подобрен маркетинг и развој на дополнителни активности кои генерираат приходи, особено активности со кои управуваат жените.
Од клучно значење е ваквите иницијативи кои имаат за цел да ја подобрат родовата еднаквост, да ги таргетираат не само жените, туку и мажите, заедно со поширокото семејство и заедницата.
Добар пример од Македонија
Новата публикација на ФАО содржи неколку студии на случај од целиот свет, вклучувајќи ја и приказната на Сузана Димитриевска, жена-фармер од Македонија. Димитриевска имаше за цел да управува со својата фарма за органска храна на поефикасен начин преку користење на дигитални алатки, така што откри паметен софтвер кој ќе и овозможи вршење на голем број активности на планирање и менаџирање – без притоа да ја напушти канцеларијата.
На почетокот, претставниците на компанијата за софтвер за паметно планирање на производство и управување со фарма биле изненадени од фактот што им пристапила жена фармер, но не ја одбиле. Упорноста и донела големи придобивки за нејзиниот бизнис. Софтверот и ја овозможува посакуваната моќ на донесување одлуки, помагајќи ѝ да утврди која култура на која површина да се посади и во какви количини. Дополнително, Димитриевска успева да ги намали трошоците за работна сила и расходите за гориво и ѓубриво.
Претерано високите температури во изминатата сезона ја тераат да размислува уште подалеку, и како следен чекор, Димитриевска моментално размислува да инвестира во прецизно земјоделство.