fbpx
Вести

Премиерот Заев на конститутивната седница на Комитетот за земјоделство: Земјоделците, сточарите и агробизнисмените најдобро знаат што треба Владата да овозможи за развој на аграрот

zaev

По завршување на конститутивната седница на Комитетот за земјоделство и безбедност на храна претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопансто Љупчо Николовски, заедно со претседателот на одгледувачи на овци од Западниот регион, Меџит Амити одржаа прес-конференција за медиумите на која информираа за текот на седницата и за темите за кои се разговараше.

Премиерот Заев посочи дека земјоделците, сточарите и агробизнисмените најдобро знаат што е она што Владата треба да го преземе за да се овозможи рентабилно производство и затоа низ работата на овој комитет ќе се носат заеднички одлуки во интерес на земјоделците.

Министерот Љупчо Николовски информираше за останатите точки и теми што ќе бидат разгледани на наредните седници на Комитетот за земјоделство и безбедност на храна.

„Со цел безбедни и квалитетни земјоделски производи, преку новиот Закон за производи за заштита на растенија, ќе се воспостави контролирана употреба на заштитните средства, преку воспоставување на интегрирана заштита, што подразбира помала употреба на пестициди, а зголемена употреба на агротехнички мерки. Така, ќе се заокружи целосниот процес од увоз до краен потрошувач, вклучувајќи ги и земјоделците. Здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет“, порача министерот Николовски.

Во однос на приближување на поквалитетни услуги поблиску до земјоделците, министерот Николовски рече дека преку процесот на децентрализација министерството што тој го предводи ги разгледува можностите да предаде дел од надлежностите на локалната власт.

„Општините би предлагале слободни површини за давање под закуп и би ги ставале во владение на корисниците. Исто така, со ваквата идеја за децентрализација, би се отворила можност земјоделците да поднесуваат барања за субвенции во секоја општина, наместо во Подрачните единици. Сите рурални општини би имале испостави во селата, за секој земјоделец да може да си го поднесе барањето во своето место на живеење“, истакна министерот Николовски.

Министерот Николовски информираше дека и осигурувањето на земјоделското земјиште е еден од приоритетите на кој се работи преку краткорочна и долгорочна стратегија.

Во однос на моделот на исплата на субвенциите министерот Николовски информираше дека во тек е изработка на анализа на влијанието на субвенциите на вкупното земјоделско производство и врз основа на добиените резултати ќе се градат идните политики на распределба на субвенциите.

„Владата и Министерството за шумарство и водостопанство се насочени да биде завршен процесот на земјишна политика и доделување на земјоделска земја на тие на коишто им е најпотребна. Денес од тука најавувам дека ќе имаме специјален и посебен оглас согласно законот што ни дозволува, да биде оглас наменет за сточарите заради тоа што еден од клучните проблеми е тоа што немаат земја“, соопшти минситерот Николовски.

Министерот Николовски информираше дека при спроведените контроли констатирано е дека 15.000 хектари се слободна површина на земјоделска земја за што рече дека во следниот период со Државниот земјоделски инспекторат ќе се направат дополнителни контроли за да утврдат можните злоупотрби направени со оваа земја за којашто оцени дека била узурпирана.

Претставникот на земјоделците и Претседател на здружението на одгледувачи на овци од Западниот регион, Меџит Амити, во својата изјава посочи дека изминативе години сточарството како гранка беше доста запоставено и Република Македонија од лидер во овчарството со сточен фонд од 2.000.000 грла падна на 300.000 грла.

Во таа насока тој побара поддршка од Владата да работи на подобрување на условите за развој на овчарството и воедно посочи дека со мерките што ги презема Владата оваа година постигната е повисока цена за откуп на јагнешкото месо.

Во одговори на новинарски прашања министерот рече дека од оваа година се зголемени субвенциите за предадено овчо млеко за литар од 3.5 денари на 4 денари, дека се воведува систем по квалитет за субвенции за тутунот и млекопроизводството со цел да се стимулира зголемување на производството.

Премиерот Заев надополни дека како помош за земјоделците Владата ја воведе и зелената нафта, со цел да останат повеќе пари кај земјоделците. Како што рече тој,преку создавање на услови за профитабилност на оваа гранка луѓето ќе се мотивираат да работат земјоделство, а владата е тука да им помогне на земјоделците во пласманот преку изнаоѓање на нови пазари.

Во изјавата за медиумите, за надлежностите на Агро Советот, како и за темите за кои се разговараше на првата седница на советот, како дел од прес-конференцијата по овој повод, Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев истакна:

„Последниве години и покрај одвојувањето на сериозни суми за земјоделците во вид на субвенции, останаа уште неколку земјоделско-сточарски гранки на кои треба дополнително да им се посветиме.

Најголемо внимание треба да насочиме кон млекопроизводството и овчарството. Тоа денеска беше една од точките на дневен ред.

Затоа денеска прва точка на седницата беше состојбата во овчарството и мерките што ќе ги превземеме за да го стабилизираме ова производство од кое егзистираат голем број на семејства во Македонија.

На Комитетот беа присутни и претставници на сточарите кои одгледуваат овци. Разговаравме за моменталната состојба и за она што треба да преземеме ние како Влада.

Тоа е начинот на кој сакаме да работиме и делуваме: Заеднички со земјоделските производители и со агробизнисмените. Тие најдобро знаат што е она што треба една Влада да им овозможи за да имаат рентабилно производство, а тоа е добро за развој на аграрот и вкупното стопанство во државата.

Оставам простор за овој наш прв состанок и за договореното понатаму да зборуваат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и еден од претставниците на земјоделците и сточарите, членови на овој комитет“.


 

бриф.мк

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close