Земјоделски култури ќе го чистат нафтениот талог
Земјоделски култури ќе го чистат нафтениот талог на Рафинеријата. Компанијата ОКТА со ова иновативно решение ќе ја заштитува животната средина. Станува збор за еколошки процес низ кој талогот се меша со почвата, се садат жита и на тој начин се прочистува. За почеток се засадени две парцели, а првичните анализи покажале дека во талогот веќе нема метали. Културите засега не се за употреба.
– Фиторемедијацијата е мерка за деконтаминација на почвата. Евтина е, се применува на широк спектар контаминенти и го елиминира секундарното загадување. Опитот што го поставивме со ОКТА е почеток на истражувањето. Следуваат анализи и на растенијата и на почвата, објасни професорката Татјана Миткова од ФЗНХ
Се очекува по завршување на процесот почвата да може да се користи за земјоделско производство или пак од културите да се произведува биогориво.
-Овој тип на иновативен билошки третман на почвата се надевам дека ќе можеме потоа како македонски производ да го продаваме како искуство и во регионот, изјави Макрадули.
-Очекуваме успешното спроведување на проектот да обезбеди резултат кој ќе биде корисен и за другите компании кои се соочуваат со слични проблеми, изјави Геруланос.
Рафинеријата за 30 години има создадено околу 7 000 м3 нафтен отпад. Со овој метод ќе се чистат околу 2 000 м2 нафтен талог.