fbpx
Вести

Зошто Македонија е зависна од увоз на земјоделски производи?

И покрај субвенциите, повеќе години се намалува домашното производство, а Македонија е зависна од увоз. Министерот Љупчо Николовски вели дека анализата на ЕУ направена на барање на министерството ги покажува сите слабости и оти нашиот систем не е компатибилен со европските политики за земјоделство.

И покрај тоа што во изминативе десет години за субвенции во земјоделството државата има издвоено над една милијарда евра, односно по над 100 милиони евра годишно, Македонија езависна од увоз.

И податоците од анализата на Европската унија за влијанието на директните плаќања врз земјоделството во Македонија, која беше презентирана во Министерството за земјоделство покажа дека има нарушување на рамнотежата во размената со странство во овој сектор.

Коментирајќи какви резултати постигнаа земјоделците со овие пари, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовскивели дека во иднина мора да има анализа за да може прецизно да се знае во кој правец треба да се оди во развојот на македонското земјоделство. Тој рече дека таква анализа не постоела во Министерството и оти во мигот одредени системи почнуваат да ги градат од нула.

„За да не зборуваме за нашите впечатоци и согледувања за претходниот период и за начинот на исплата на субвенции, за начинот на доделување на земјиште и за сите погрешни политики кои се водеа, а сега едно по едно ги доведуваме во ред, за нередовните субвенции, за селективниот пристап и многу други работи, еве анализата која ЕУ на наше барање ја презентираше како прв проект, ги покажува сите слабости. Оваа анализа ќе биде предмет на опсежна работа во рамки на Министерството и институциите и таа покажува дека всушност нашиот систем не е компатибилен со политиките за земјоделство на ЕУ“, изјави министерот кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Анализата на Европската унија за влијанието на директните плаќања врз земјоделството во Македонија, која беше презентирана во Министерството за земјоделство покажа дека субвенциитего зголемиле земјоделското производство, но не и квалитетот на производите.

Државната помош, како и финансирањето преку европските кредитни линии биле причина за поголем раст во сточарството и производството на зеленчук и овошје, но не и кај пченицата и кај другите житни култури.

Во првичниот коментар, експерти од Европа порачаа дека македонските земјоделци ќе треба да работат на подобрување на квалитетот на своите производи, за да бидат конкурентни со увезените.

Професор Илија Каров од Земјоделскиот факултет во Штип вели дека е потребно да се стимулира квалитетот, но и квантитетот.

„Треба да се стимулира производителот да произведува поквалитетно и поголем принос. Не е доволно само да посее 100 хектари пченица, значи да вложи во механизација, во семенски материјал, во ѓубрива и да подигне поголемо производство. Не само површините да се стимулираат да се посее нешто, туку да се види крајниот резултат од тоа производство“, изјави професор Каров.

Анализата исто така покажува дека бројот на земјоделски стопанства е многу важен. Според податоците во Македонија, околу 60 отсто од земјоделските стопанства се мали, под еден хектар. Од нив само еден отсто почнале да растат во изминатите години. Тоа значи дека е потребна имплементација на мерки токму за нивна поддршка.

Професор Каров вели дека Македонија има доволно земјоделски површини да произведува повеќе култури за сопствени потреби, како на пример пченица.

Но, тој нагласува дека државата во овој момент треба да размислува и за зголемување на откупната цена на земјоделските производи и за почитување на роковите за исплата на државната помош, бидејќи производителите треба да планираат реинвестиции.

„Треба да се направи стратегија како што има доволно за извоз на грозје и тутун, има можности да се стимулира и градинарството, а земјоделците дојдоа во ситуација да не може да ги покријат и основните трошоци поради ниските откупни цени. На времето имаше државни резерви и се откупуваше вишокот, не се дозволуваше земјоделците да клечат пред откупувачите“, вели професор Каров.

Тој нагласува дека треба да се направи стратегија преку претходна расправа со сите засегнати страни и со вклученост на стручни лица, со цел слабостите и неправилностите да се отстранат и земјоделството да се доведе во ситуација да стане унапредена гранка.

„Имаме поднебје, имаме услови, имаме знаење и искуство на земјоделците, но им треба повеќе помош да се насочат што да се произведува и посовремени мерки да се вложат во аграрот“, вели професор Каров.

Деновиве тиквешките лозари му порачаа на министерот дека субвенциите се помош, но побараа да ја каже и цената по која винариите годинава ќе го откупуваат грозјето.

И земјоделците од Струмица реагираа дека мерката за дополнителни субвенции од четири денари за килограм домати е добра, но задоцнета. Сточарите се жалеа дека цената на млекото паднала на 16 – 17 денари за литар и оти трошоците растат. Ова се некои од проблемите со кои се соочуваат земјоделците со континуитет години наназад.

 


 

слободнаевропа

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close