Младите го откриваат пчеларството
Последното советување за пчеларите на тема „Пролетниот развој на пчелните семејства”, во организација на здружението на пчеларите на Кавадарци „Златна матица“, покажа дека се менува структурата на пчеларите во градот каде што има регистрирано најголем број пчелари во Македонија. Присуството на голем број млади пчелари ги потврди сознанијата дека повисоката цена на медот и пчелните производи заедно со зголемените субвенции направија од пчеларството доходовна гранка. Професорот Ѓоко Зечевиќ од Србија, кој во Македонија одржа предавања за пчеларите во 14 града, правејќи една паралела на пчеларството во Србија и во Македонија, препорачува селидбено пчеларење.
– Кога е во прашање исхраната, ние во Србија го имаме багремот, кој е навистина првокласен и единствен и кога ќе замеди пчеларите добиваат илјадници тони мед. Така, на пример, минатата година од Србија се извезени 4,5 илјади тони мед за Германија и Италија. Покрај багремот, главната паша ја сочинуваат маслодајната репка, липата и сончогледот. Меѓутоа она што го уочив овде минатата година, кога ги посетив Скопје, Кочани, Пробиштип, Берово, Струмица и Ресен, е дека доста се ограничени условите во Македонија кога е во прашање исхраната на пчелите. Тоа го констатирав и во разговор со вашите пчелари. Меѓутоа и тука пашата може да биде подобрена и збогатена доколку пчеларите сфатат еднаш засекогаш дека медот се раѓа на тркала. Оваа изрека кај нас е позната уште во 19 век, што значи дека селењето на пчелните семејства на разни локации му дава можност на пчеларот секогаш да има поголемо количество мед – вели Зечевиќ.
Тој додава дека останува само на пчеларите да ја запознаат добро Македонија, бидејќи секоја флора не цвета во исто време.
– Се разбира, треба да се применува добра технологија на работа.
Јас и припаѓам на плејадата професори што се овластени предавачи од Сојузот за пчеларство во државата Србија. Ние им помагаме на пчеларите да ја усовршат најдобрата можна техника, да ги подготват пчелните семејства, да бидат силни за да го соберат целиот нектар што го нуди природата. Сметам дека не само пролетниот развој, туку сите периоди од годината, и летото и есента, се важни за пчеларите. Кај нас во Шумадија се вели како ќе ги подготвиш за зимата пчелите, така ќе работат напролет вели Зечевиќ.
Тој вели дека според она што имал можност да го проба, во Македонија се произведува добар и квалитетен мед.
– Тоа се должи пред се поради тоа што пчеларниците се наоѓаат во незагадени територии, каде што не се прска вели Зечевиќ.
Тој за Србија вели дека пчеларите се соочуваат со сериозен проблем бидејќи, освен багремот, се друго се прска, па и малината и бадемот. На пчеларите од Македонија им препорачува да ги користат другите пчелни производи, особено пергата, која моментно е хит во Србија.
– Пергата е полен, цветен прав, кој пчелата го ферментирала во саќето. Ние сме го собрале во некој рам и со тоа можеме да им помогнеме на граѓаните, бидејќи пергата е многу корисна за здравјето, но и да заработиме. Во другите пчелни производи секако спаѓаат поленот, матичниот мед и пчелиниот отров, кој има висока цена и за кој пчеларот треба да се оспособи и да има најдобра можна технологија, вели Зечевиќ.