ЛАГ од Старо Нагоричане доби решение за регистрација
„Абер 2015“, со седиште во општина Старо Нагоричане, е една од 13-те локални акциски групи (ЛАГ) кои добија решенија за регистрација од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оваа локална акциска група е формирана во 2015 година во рамки на проект во кој беа вклучени американската и швајцарската амбасада, а ќе делува во руралните средини на Куманово, Старо Нагоричане и Липково, информира претседателот Дејан Ѓорѓиевски.
ЛАГ ја формираа НУ Музеј на Куманово, општините Куманово, и Липково, претставници од бизнис заедницата и поединци.
– Локалната акциска група има за цел да ги слушне барањата на луѓето, членовите сами укажуваат кои се нивните визии и потреби за развој на околината во која делуваат. Нашите проекти и апликации за проекти ги темелиме на потребите на руралното население и на бизнисите што функционираат во руралните средини, рече Ѓорѓиевски.
Решението е прв чекор потребен за премостување на овој период, се до моментот кога локалните акциски групи ќе бидат регистрирани и во Европската мрежа на лагови, што ќе почне паралелно со имплементацијата на Лидер програмата која, пак, е дел од програмата на ЕУ за рурален развој. – Сега ни е понудена институционална и финансиска поддршка од Министерството за земјоделство и очекуваме да си стојат на зборот за да можеме да го премостиме овој период, изјави Ѓоѓиевски.
ЛАГ-овите се облик на јавно-приватно партнерство во кое се вклучени земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис-заедницата и локалните самоуправи. Тие имаат можност директно да ги кажат своите барања и потреби за развивање на руралните средини, не само од аспект на земјоделството, туку и од апсект на подобрување на руралната инфраструктура, руралниот туризам и животната средина.
ЛАГ-овитте во Европа, потенцира Ѓоѓриевски, се носечка сила на руралниот развој што подразбира места со повеќе од 1.000, а помалку од 120.000 жители. Кај нас помалку од 100.000 жители влегуваат во таа класификација.