Лубениците се откупуваат без застој, а цената на пченицата годинава се очекува да расте
Во откупот на лубеницата нема никаков застој, а дневно се преземаат по 500 тони лубеници, изјави денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Според него доколку има потреба за која било култура Владата соодветно ќе реагира, како во случајот со доматите.
– Досега донесовме дополнителни мерки за праските, минатата година за лубениците, 100 отсто зголемување на субвенцијата за житните култури, односно за пченицата, дополнителни мерки за грозјето. Вкупно 10 милиони евра дополнителни средства се исплатија по однос на интевентни мерки. Со ребалансот минатата година зголемен е буџетот за земјоделство, а тоа значи дополнителни мерки во текот на цела година по однос на целокупното производство од претходната година. И оваа година Владата ја следи состојбата на терен и доколку има потреба за некоја земјоделска култура соодбетно ќе реагира, изјави Николовски.
Тој додаде дека во откупот на лубениците нема апсолутно никаков застој, екипите на МЗШВ се на терен и во оној момент кога ќе процениме дека има потреба ќе воведеме интервентни мерки. Покрај интервентните мерки се носат и мерки кои на долг рок треба да ги решат проблемите на земјоделците.
-Дополнителната поддршка за доматите даде резултат во делот на стабилизирање на откупот и зголемување на пласманот, истакна Николовски.
Во врска со пченицата, Николовски истакна дека производната цена се уште не може да биде објавена зашто допрва треба да почнат жетвата и откупот.
-За разлика од минатата година кога стоковите резерви пред жетвата се продаваа по 6 денари за килограм што влијаеше да се спушти цената надолу. Сега Владата не дозволи слободните резерви кои ги има Агенцијата за стоковите резерви да се откупат токму во периодот на жетвата. Веќе се во тек лотовите за 13.000 тони пченица која ќе биде откупена, а ги направивме и сите административни промени за да може и земјоделците да учествуваат на помали лотови од 100 до 500 тони пченица. На тој начин ќе се изврши стабилизирање на цената на пазарот, изјави Николовски.
Според него, годинава се очекува постојано да се зголемува цената на пченицата пред откупот.
Министерството, дополни, навреме ги обезбедува субвенциите, кога им се најпотребни на производителите, ги следи состојбите и одржува континуирани средби со сите засегнати страни, лозарите, градинарите, производителите на пченица, винарите, преработувачите, мелничарите.