fbpx
ВестиТоп вести

Тутунопроизводителите однапред ќе ја знаат цената и ќе бидат ослободени од бирократски процедури

Тутунопроизводителите се надеваат дека во новиот закон за тутун кој треба да биде готов некаде во септември ќе биде вклучено и нивното барање производителот пред време да знае колкава ќе биде цената по килограм тутун за да знае со кој откупувач да склучи договор
Постојаните врнежи и неповолните временски услови ги намалија приносите и квалитетот на тутунот. Од Сојузот на тутунарски здруженија на Македонија велат дека годинава нема да се остварат очекуваните 28 милиони килограми, но би биле среќни ако го достигнат ланското ниво од 23 милиони килограми.
Од друга страна, пак тутунопроизводителите се надеваат дека во новиот закон за тутун кој треба да биде готов некаде во септември ќе биде вклучено и нивното барање производителот пред време да знае колкава ќе биде цената по килограм тутун за да знае со кој откупувач да склучи договор.
Покрај ова, големо олеснување за нив ќе биде и намалувањето на бирократските обврски кои ќе се префрлат на страна на откупувачите односно откупните компании. Со донесување на овој закон ќе бидат укинати евидентните листови, или таканаречените „бели картони”, што значи дека тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија и на тој начин значително ќе им биде олеснета административната процедура.
На овој начин сите бирократски формалности ќе бидат преземени од тутунските компании и тие ќе бидат должни евиденцијата на катастарските парцели на кои се произведува тутун, како и Договорите за откуп на тутун да ги поднесуваат електронски до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. И оваа процедура е во насока на поголема контрола што се влегува во електронски систем. Токму тоа директно ќе влијае врз поголема автономија на тутунопроизводителите и нивниот статус, а со тоа и на бројот на склучени договори, во смисла на зголемување.
Годинава со откупувачите се потпишани 34.105 договори, издадени се 23.432 евидентни листови, а производството е на 14.669 хектари што е речиси исто како лани. Но, се уште нема ништо од барањето на тутунопроизводителите за зголемување на откупната цена во просек за 20 отсто.
Тие бараат зголемување на цените: за прва класа 10, за втора 30, а за трета класа 20 проценти што ќе ја анулира разликата по класи. Се уште нема исход од ова, но се надеваат дека до крајот на август многу работи ќе се знаат за годинашнава реколта.
Во Македонија над 23.000 семејства егзистираат од тжутунопроизводството, а тутутнот обезбедува приход од извозот од над 100 милиони евра.

 


 

вечер

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close