Овче поле до крајот на векот ќе стане пустина
Лани суша, а оваа година градот им го сотре родот на земјоделците. Штетите на житото, раноградинарските култури, и на лозјата се движат од 50 до 100 %. Климатските промени си го земаат својот данок во секторот земјоделство. Во Извештите за климатските промени се наведува дека втората житница во земјава, Овче поле до крајот на векот ќе стане пустина, доколку не се инвестира во нови акумулации, поправка на старите системи за наводнување, користење на заштитни мрежи, но и менување на културата што се сее и сади на нивите. Експертите алармираат дека потребна е поголема едукација на земјоделците.
Земјоделците сметаат дека најголемата поддршка за справување со климатските промени ќе им треба во раноградинарството, а од државата очекуваат да ја активира градобијната заштита и да се санираат системите за наводнување.
Според експертите и земјоделците потребно е и науката и државните агенции заеднички да пристапат za da земјоделскиот сектор полесно се справи со климатските промени. Во земјава веќе со европски пари е почнат проектот за рехабилитација и изградба на нови акумулации и системи за наводнување. Преку програмата за Рурален развој на располагње се и 20 милиони денари за системите капка по капка и изградба на нови бунари, а со потпишувањето на договорот со ФАО пред десет дена на државата и се дадe можност да пристигне до паритe од Глобалниот фонд за животна средина и Зелениот климатски фонд.