Комисијата за проценка на штети од невремето во Струмица ги заврши активностите на терен. Од нанесените штети предизвикани од невремето од дожд, град и ветер што го зафати струмичкиот регион, земјоделците поднеле вкупно 358 барања на површина од 102 ха, информира за Зелена берза Ацо Ѓеоргиев претседател на комсијата за проценка на штети.
Невремето што го зафати регионот на почетокот од месец јули предизвика штети со милионски суми. Најголеми штети има во катастарските општини: Муртино, Сачево и Дабиља.
Најмногу штета има на посадените површини на отворено, на индустриската пиперка, но пријавени се штети и на култури под фолија. Ајварката е најпогодена, но штети има и на пченицата, пченката, бостанот, и други градинарски култури. Процентот на штети се движи од 50 – 100%.
Земјоделците се загрижени и очекуваат државата да им излезе во пресрет и да им помогне, бидејќи во прашање е нивната егзистенција.
Како што информира Ѓеоргиев при крај е изработката на елаборатите кои ќе бидат препратени до владините служби по што ќе се знае точно колку и како ќе се извршува обештетувањето на земјоделците.
Слично како и земјоделците од другите региони во државата и овде земјоделците бараат поставување на градобијна станица. Климатските промени се посилно се чувствуваат, а невремињата ги има се почесто.
Неодамна министерот за земјоделство Љупчо Николовски изјави дека веќе се работи на активирање на градобијни системи и дека се врши мапирање каде би се инсталирала опремата.
Што се однесува пак за осигурување на земјоделското производство, иако државата ги субвенционира осигурителните полиси со 60% сепак земјоделците тешко се одлучуваат на ваквата варијанта на заштита.
Павлина Јовановска
Зелена берза