Раситнетите и мали парцели на обработливи површини резултираат со ограничен обем на производство, зголемени транспортни и производствени трошоци и неможност за примена на современа технологија и развојни инвестициони планови. Затоа повеќе од потребно е земјоделците да настапуваат здружени во земјоделски задруги. Во тек е „Јавниот повик за пројавување на интерес за развој на земјоделска задруга“, коj се спроведува преку проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“, финансиран од ЕУ.
Повикот е отворен, и за него може да се аплицира до 15- ти октомври 2018- та година.
Преку овој проект, на располагање стои грант од над 1 милион евра, пари со кои земјоделците ќе може да ги зајакнат постоечките или да формираат нови земјоделски задруги. Здружено, земјоделците можат да постигнат пониска цена на репро материјали, поефикасна употреба на механизација, поголема количина на стандардизирано производство и повисоки откупни цени.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, силно поддржува здружување на земјоделците во земјоделски задруги, затоа што таквиот тип на здружување овозможува посигурен пласман, унифицирано производство, намалени производни трошоци, зголемена препознатливост на македонските земјоделски производи на домашниот, но, и на странските пазари. Сите заинтересирани повеќе информации за проектот, бенефитите од него, и околу Повикот, ќе може дa најдат на веб страната www.zadrugi.mk.