fbpx
ВестиТоп вести

До 15 октомври оглас за развој, до 30-ти за нови земјоделски задруги

До 15 октомври годинава е отворен огласот за развој на земјоделски задруги, а до 30 октомври трае повикот за пријавување групи на земјоделски стопанства кои имаат интерес да формираат земјоделска задруга.

Двата огласа се дел од проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“, финансиран од ЕУ, кој предвидува грант од преку еден милион евра за зајакнување на постојните или за формирање нови земјоделски задруги.

Инструкциите и обрасците за аплицирање може да се подигнате во просториите на Македонската развојна фондација за претпријатија – МРФП или од веб страницата www.zadrugi.mk.

– Раситнетите и мали парцели на обработливи површини резултираат со ограничен обем на производство, зголемени транспортни и производствени трошоци и неможност за примена на современа технологија и развојни инвестициони планови. Затоа повеќе од потребно е земјоделците да настапуваат здружени во земјоделски задруги. Здружено, земјоделците можат да постигнат пониска цена на репро материјали, поефикасна употреба на механизација, поголема количина на стандардизирано производство и повисоки откупни цени, велат од „задруги.мк“.

Задругарството го поддржува и Министерството за земјоделство со напомена дека ваквиот тип на здружување овозможува посигурен пласман, унифицирано производство, намалени производни трошоци, зголемена препознатливост на македонските земјоделски производи на домашниот, но, и на странските пазари.


 

1tv.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close