Во струмичкиот регион почна бербата на пиперката куртовска капија, позната меѓу народот ајварка. Иако подготовката на зимницата почнува за еден месец, пиперката е веќе готова за берба.
Производителите се повеќе се одлучуваат да ја одгледуваат во пластеници. Благодарение на новите сорти и одгледувањето во пластеници ајварката созрева побрзо, за разлика од одгледувањето на отворено. Токму затоа производителите се помалку ја одгледуваат на отворено.
Пласманот е тој што секоја сезона ги мачи производителите. Најголем дел од пиперката оди во производствените капацитети, но дел оди и за извоз. Откупната цена за прва класа е 18 денари за килограм. Производителите не се задоволни од оваа цена затоа што не им ги покрива производствените трошоци.
Земјоделците сметаат дека за нив исплатлива цена е 20 денари за килограм за прва класа пиперка „ајварка“ и дека со трите денари субвенции за секој предаден килограм ќе бидат задоволни од постигната цена.
Годинава производството на оваа сорта пиперка е намалено за 10 илјади тони во споредба со лани кога родот тежел скоро 60 илјади тони. Оваа година невремето што го зафати струмичкиот регион предизвика големи штети на пиперката, но и покрај тоа нема да има недостиг од ајварка, уверуваат земјоделците.
Павлина Јовановска
Зелена берза