fbpx
Вести

Лозарите очекуваат повисоки откупни цени за грозјето

Лозари од Кавадарци преку регионалното здружение „Напредни лозари“ изразуваат разочараност поради игнорантскиот однос на винариите кога е во прашање грозјето од годинашната реколта, а за вечерва во 20.30 часот имаат закажана средба на која ќе се разговара за проблемите околу откупот на винското грозје, цените и начинот на плаќање.

 

Оттаму информираат дека во понеделникот  во Министерството за земјоделство бил одржан состанок за дефинирање на цените на винските сорти грозје. Организатор на состанокот бил  министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Присутни биле претставници на винарски визби од Македонија и од локални самоуправи од Тиквешијата, производители на винско грозје, министерот со своите соработници.

„На состанокот ги повторивме нашите одамна поставени и познати барања. Значи “смедеревка” да не се откупува пониско од 15, а “вранец” да не биде помалку од  17 денари за килограм. Винарските визби беа однапред договорени и едногласни и не сакаа да платат повисока цена“, соопштуваат од Здружението.

Оттаму додаваат дека цената многу одамна не е зголемена, иако сите трошоци за производство на грозје се повеќекратно зголемени.

„Винариите кажуваа дека цената се формира пазарно, а однапред беа договорени и настапуваа како еден. Какво е тоа пазарно стопанство кога во соседството и тоа надвор од ЕУ, цената на винското грозје е двапати повисока. Винариите го злоупотребуваа тоа што Владата сака грозјето да го преработат нашите винарии и да излезе од државата како производ – вино, а не како суровина -грозје. Затоа на состанокот не беа поканети трговски компании и странски винарии кои би дале повисоки цени за грозјето и би создале услови за пазарно стопанство. Министерството за земјоделство беше затечено од односот и организираноста на винариите да не дадат повисока  во услови кога нема доволно грозје, а истовремено немаат и залихи на вино“, децидни се од “Напредни лозари“.

Тие стравуваат од изумирање на лозарството како значајна гранка во земјоделството и укажуваат дека оти лозарите се во многу лоша состојба, а пропаѓаат нивните лозови насади во кои цел живот многу инвестирале, дека живеат во сиромаштија, повеќекратно се зголемени трошоците за производство на грозје.

За вечерва во 20.30 часот е закажана средба на лозари, на која ќе се разговара околу проблемите околу откупот на винското грозје, цените и начинот на плаќање.

Мкд.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close