fbpx
ВестиТоп вести

Обештетувањето од градот барем да ни ги  надомести трошоците, бара Трајче Костовски земјоделец  од Могила

 

 

Трудот и парите вложени во нивата со пипер, градот и силниот дожд во два дена едно по друго ги однесе, сега бараме државата барем да ни ги надомести  трошоците, отповеќе не бараме, вели педесет и шест годишниот земјоделецот од Могила, Трајче Костовски.

Во разговор за „Зелена берза“, Костовски кој и во делник и во празник е на нивата со тутун, одвои време да поразговараме за неговата земјоделска мака.

Годинава засадил еден хектар со пиперка ајварка , вложил многу и  во пари и труд, но како што вели, градот и невремето му го сотреа родот  за миг.

 

-Катастрофа голема не најде, 1 хектар пипер  ни се уништи од невремето. Првиот ден го отепа градот, ама кога отидовме следниот ден на нивата ново невреме сосема го уништи. Пријавивме во Комисјата за проценка на штетите од невремето и се уште чекаме информација, кога ќе не обештетат  и по колку пари. Ние не бараме да ќариме, ние бараме барем трошокот што сме го вложиле да ни се врати, вели земјоделецот Костовски.

Од нивата со пипер, Костовски годинава очекувал да собере околу 30 тони род, зошто лани на истата површина успеал да пласира за откуп околу 27 тони пипер.

Сега пресметувајќи колку вложил во обработката на нивата, во пари и труд, вели дека пиперот како земјоделска култура  е скап за обработка, а добивката неизвесна.

 

-Трошоците за пиперот се големи, нивата четири пати ја орав додека не го насадам, употребив 24 вреќи со ѓубриво, бара многу наводнување, секако тоа зависи од годината дали е дожлива или не , но 6 до 7 пати наводнување е потребно. За разлика од тутунот,  пиперот бара големи припреми, вели Костовски, додавајќи дека целата математика му е во главата , колку вложил и колку требало  да земе од родот.

-Од шест до седум  илјади евра требаше да земам само од откупот на пиперот, ако ги вклучам и субвенциите од 3-3,5 денари по килограм, значи вкупната сума би била до 8 илјади  евра. Вака градот се ни зеде, останавме и без род и без пари, се пожали Костовски, кој сам со сопругата ги обработува нивите.

Оваа година Костовски засадил и 6 декари со тутун, но како што вели повторно заради невремето и тутунот е со послаб квалитет.

-Тутунот израсте голем од многу влага, па го фати суша и  тоа ќе влијае на квалитетот, вели искусниот змејоделец.

Набројувајќи ги маките и проблемите на земјоделците, Костовски реагираше и на информациите од Министерството за земјоделие  дека откупната цена на пченицата годинава достигнала  до 10 денари за килограм. Според него пченицата годинава откупувачите ја плаќале во просек 8 денари за килограм и ниту пара повеќе.

-Лага е дека пченицата достигна 10 денари, тоа беше лани и тоа еден период, годанава  родот ни беше откупуван во просек по 8 денари од килограм . Јас насадив 3 хектари пченица и тоа беше за бадијала. Напразно ни одите трудот, се пожали Костовски.

 

Вкупната штета од невремето изнесува околу 68.000.000 денари, вели Александар Јанкуловски претседател на Советот  на Општина Могила

-До комисијата за процена на штети од природни непогоди во Општина Могила беа поднесени вкупно 330 барања за процена од невреме-град. Пријавувањето се вршеше во две фази, прво беа поднесени 179 барања од населените места Могила,Радобор,Чарлија,Трап и др.

Комисијата за овие барања има комплетно завршено. Направена е процена на 940 поединечни парцели, со површина од 230.3 ха вкупната сума за овие барања е 32.526.000 ден. Од втората фаза беа поднесени 154 барања од населените места Српци, Беранци, Вашарејца. Комисијата изврши процена и на овие барања исто како и на претходните барања, но во овој момент се работи на завршна проценка и за некој ден ќе бидат и овие барања комплетно завршени, и за овие барања  се работи за слична сума, како и претходните.Во целост проценета е вкупна штета од околу 68.000.000 денари.Целокупниот материјал за неколку денови ќе се достави до Републичка комисија за процена на штети.И се надеваме дека позитивно ќе ни биди одговорено!, изјави за „Зелена берза“, Александар Јанкуловски, претседател на Советот  на Општина Могила.

автор „Зелена берза„

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close