Лозарите пред протест поради откупните цени-Винарите предупредуваат од непоправливи штети
Лозарите и покрај средбата со премиерот Зоран Заев најавуваат нови протести иако ќе чекаат до понеделник кога би требало да се знае минималната откупна цена. Тие инсистират на повисоки откупни цени, наместо најавените 11 денари за смедеревката, а 13 за вранецот. Заев им порача дека државата не може директно да интервенира во цените бидејќи така можел да се наруши пазарниот принцип. Во меѓувремне се огласија и од здружението „Вина од Македонија“ кои предупредија дека доколку ваквите закани се остварат тие ќе значат стопирање на годинешниот откуп на грозје, што, според нив, ќе нанесе непоправлива штета на домашната винска индустрија, но и на лозарството.
„Крајниот ефект од притисоците и заканите кон винарниците за зголемување на цените за откупеното грозје, кои се повторуваат скоро секоја година и се далеку од каква било пазарна логика, доведува до нивно финанско исцрпување и пропаѓање. Ваквата ситуација ќе значи дефинитивен крај на целокупната домашна винска индустрија и на лозарството затоа што без домашни винарници кои можат да ја издржат жестоката конкуренција на светскиот вински пазар, ќе нема кој воопшто да го откупува грозјето, се вели во соопштението“ на здружението Вина од Македонија.
Лозарите не се единствените кои периодов јавно го изразуваат својот револт. Незадоволни се безмалку сите земјоделци кои сезонава не дигнаа глава од проблеми. Загуби поради слабиот откуп и пласман имаа производителите на домат, бостан, пченица, овошки, а како последно се алармира и за проблеми со откупните цени и на пиперките…