fbpx
Вести

Во штипскиот регион во полн ек бербата на грозјето

Бербата на грозјето во штипскиот регион е во полн ек, а истовремено се одвива и откуп во трите винарии. Откупувачите велат дека годинава им се нудат различни сорти грозје, но доминира вранецот. Задоволни се од квантитетот, но не и од квалитетот на грозјето.

– Квалитетот на грозјето е подпросечен или незадоволителен, имајќи предвид дека минатата година беше лоша и големи измрзнувања претрпеа лозовите насади што се рефлектираше врз сегашниот род, рече директорот за производство во „Имако вино“ Атанас Рунчев.

Тој истакна дека лозовите насади беа зафатени и од болести, пепелница и пламеница, а малиот број шеќерни единици е резултат на дождовите, кои паѓаа во период кога грозјето зрееше и му беа потребни сончеви часови.

Следните неколку дена ќе почне и бербата на „смедеревката“, сорта која беше помалку погодена од временските неприлики. – Очекувам дека ќе биде подобар квалитетот во однос на „вранецот“, но оставам да видиме какви ќе бидат временските прилики при бербата, рече Рунчев.

Во штипскиот регион има околу 500 хектари лозови насади, а винариите годинава очекуваат да откупат двојно повеќе грозје од лани и целосно да ги пополнат своите капацитети.

 


 

a1on

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close