fbpx
ВестиТоп вести

Зажнеани првите снопови ориз во Облешевско

Земјоделците од атарот на селото Облешево, Кочанско, ги ожнеаа првите снопови ориз од годинашната реколта.

Иако жетвата на „белото злато“ во регионот официјално се уште не е почната, оризот од турските сорти што беше засеан на помал дел од површините, е веќе созреан и може да се жнее.

Земјоделските прозводители се задоволни од почетниот принос што се движи околу 600 килограми арпа од декар, но го потенцираат проблемот со откупот, ниските цени и информациите за присуство на генетски модифициран ориз на пазарот.

– Лоша реклама му се направи на кочанскиот ориз по соопштението дека инспекциските контроли откриле половина тон ориз со ГМО. Тоа ќе ги намали и онака ниските откупни цени што лани едвај достигнуваа 13 денари за килограм арпа, што значи влегуваме во загуба и не ќе можеме да ги покриеме ниту производствените трошоци. Затоа ќе бараме од државата да дозволи увоз на сертифициран семенски материјал, односно да го задолжи Земоделскиот институт да ја преземе таа надлежност, наместо трговците кои ни продаваат семе за кое не знаеме дали воопшто ќе даде некаков принос, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.

Производителите на ориз се пожалија дека годинава имале проблем и со набавката на заштитни препарати, бидејќи на пазарот се нашле поголеми количини што биле увезени без дозвола. Поради нелојалната конкуренција со цените, овластените увозници биле принудени да го намалат увозот, што предизвика недостиг на одделни препарати.

Од годинашната реколта се очекува да се ожнеат над 26.000 тони оризова арпа, но поради актуелните состојби со откупот земјоделците се сомневаат дека ќе можат да го продадат.


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close