fbpx
ВестиВино

Македонско вино и зеленчук на пазарот во Словачка

Македонија и Словачка ќе ја унапредуваат економската соработка, особено во делот на енергетиката, индустријата, земјоделството и инвестициите. За таа цел во Скопје беше потпишан протокол за соработка по одржувањето на првата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу двете држави.

makedonsko vino i zelenchuk na pazarot vo slovachka

 

Од двете страни е оценето дека има голем потенцијал за соработка, кој треба да се интензивира во следниот период.

„Соработката меѓу Словачка и Македонија има голем потенцијал, а тоа го докажува и оваа прва седница на Мешовитата комисија. Идентификувани се повеќе области каде што можеме да најдеме заеднички интерес. Особено ме радува тоа што најдовме конкретни компании и проекти каде што постои потенцијал бидејќи важно е да се посвети внимание на реални проекти со што ќе ја зајакнуваме нашата соработка и трговија“, изјави Растислав Чованец, словачки државен секретар за економија.

Најголема соработка се очекува во делот на автомобилската индустрија каде што, според двете страни, има големи можности. Од словачка страна е упатена покана до кластерот на македонски фирми од автомобилската индустрија да учествуваат на настаните на кои се презентираат компании – можни добавувачи на производителите од автомобилската индустрија.

„Словачка има огромен потенцијал, посебно во делот на автомобилската индустрија со оглед на веќе присутните марки „пежо“, „фолксваген“, „киа“, а наскоро се очекува и влез на „ландровер јагуар“ со што за нас отвора нови форми за заемна соработка“, истакна Христијан Делев, заменик-министер за економија.

Во делот на енергетиката, Словачка е подготвена да понуди компании кои учествуваат на тендерите за термоелектраните и во изградбата на малите хидроцентрали, а од македонска страна е упатена покана за учество на словачки компании и во делот на гасната инфраструктура.

Македонија изразила и интерес за присуство на македонското вино, овошје и зеленчук на словачкиот пазар. Иницирано е да се одржи и тетатет-средба меѓу компаниите од двете држави со цел да се изнајдат можности за соработка.

За време на дводневните разговори меѓу двете делегации се презентирани и поволностите што ги нудат ТИРЗ и зелените зони за инвестирање на странски компании во Македонија.

Македонија од Словачка ќе црпи и искуства во делот на искористувањето на средствата од ЕУ-фондовите, каде што оваа држава предничи со околу 96 проценти искористеност. За таа цел од македонска страна е побарано да биде испратен словачки тим од експерти кои ќе дадат предлози каде треба Македонија да го подобри искористувањето на средства од ЕУ-фондовите.

Следната седница на Мешовитата комисија ќе се одржи во Братислава.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close