После пет години од изработувањето на проект за водоснабдување Брушанци и Ресавци треба да очекуваат вода дури в година.
Жителите од с.Брушани како и Ресава, Дабниште и Бегниште се жртвата што се направи при изградбата на акумулацијата Тиквешко Езеро, во далечната 1965 година . Од оваа вода жедта ја гаснат жителите во Велес и опколината,Росоман Демир Капија, на сметка на овие првите кои сега имаат проблем со наводнувањето на земјоделските површини. Недостигот на вода значително им се одразува во целокупното живеење. Сточарството веќе е напуштетно, а лозарството им е единствената опција за опстанок , од која многу тешко се егзистира, се жалат жителите од тој крај. Недостигот на вода за наводнување е причината за многу малиот род што го добиваат од лозјата.
„Се мачиме. Јас имам 24 да лозје но собрав многу помалку род во споредба со оние што имаат можност за наводнување , а ги направив истите трошоци во однос на заштитата и другите мерки како и останатите лозари што собраа многу повеќе“ вели Драганчо Ристов од Кавадарци, претседател на МЗ во Брушани, иницијатор за изработка на проект за наводнување.
Во 2009 година жители од с. Брушани доставував барање до ЈП Водостопнаство Тиквеш. Барањето е прифатено и во 2011 година се стартува со изработка на проект.
„Во 2011год. заедно со ЈП Водостопанство Тиквеш, започнавме со изработка на проект со кој требаше да се овозможи наводнување на земјоделските површини, од она што остана од површините на Брушанци (бидејќи земјиштето им беше одземено за изградбата на акумулацијата), како и површините на останатите населени места во близина на Езерето. Ние помогнавме околу собирањето на потписите, како сигурност дека земјоделците ќе го користат системот за наводнување, а ЈП Водостопанство го изработи техничкиот дел. Во 2013 година проектот го завршивме и ЈП Водостопанство го препрати до ПЕ на МЗШВ во Кавадарци. Проектот предвидуваше изградба на систем капка по капка со чија помош требаше да се наводнуваат 700 ха земјоделска површина, 400 ха за брушанскиот атар и 300 ха за ресавскиот атар, со тенденција за проширување. Системот требаше да снабдува со технолошка вода околу 2000 куќи во с. Брушани. Проектот беше ставен во инвестиционата програма на Водостопанство Тиквеш , но заради немање средства не се реализира“, информира Ристов.
Проектот за наводнување бил во програмата за реализација и на претходната, а и на сегашната влада. Преку пратеникот Панчо Минов, пред неколку месеци, било поставено пратеничко прашање во Собранието на РМ до каде е реализацијата на проектот?
Зелена берза стапи во контакт со пратеникот Панчо Минов, а ова е одговорот што го добил:
„Во рамки на инвестиционата програма предложениот проект за водоснабдувачкиот систем Брушани е прифатен, но за оваа година направена е селекција според која овој систем во оваа 2018 година не е планиран. Проектот е прифатен од Владата и ги има сите аргументи во прилог на подносителите , но изградбата останува да се реализира во 2019 година“ рече Минов.
Финансиската конструкција на проектот била изработена на 37 милиони денари , или околу 600 000 евра. Иницијаторите сметаат дека оваа сума е смешна во однос на оние суми што се слушаат во јавноста, а се трошат на репрезентации и сл, а реализацијата на проектот можела да доведе на заживување на овој регион.
Обидите да стапат во контакт со надлежните, за да се забрза постапката со цел да им го образложат проблемот и неопходноста од реализација на проектот за сега се без успех.
На Брушанци, Ресавци и останатите жители од тиквешијата им останува да се надеваат дека сепак проектот ќе биде реализиран, а дотогаш ќе се молат да има и понатаму врнежи бидејќи само дождот може да им ја изгасне жедта.
Павлина Јовановска
Зелена берза