Бројте ги калориите и јадете здрава храна
Измерете го вашиот индекс на телесна маса! Проверете колку калории дневно ви се потребни за да ја задржите сегашната тежина! Планирајте ги вашите оброци според тоа колку калории треба да изедете! Ова се само дел од советите кои може да се прочитаат на новата веб-страница на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ). Организацијата подготви и брошура со совети до граѓаните со цел за да ги информира за правилната исхрана и нејзината важност за здравјето, а за петнаесетина дена за иста цел ќе биде промовирана и мобилна апликација.
– Апликацијата ќе даде практични совети и алатки преку кои ќе се овозможи правилен избор на прехранбени производи. Тука ќе се најдат информации за тоа колкава количина енергија и основни прехранбени состојки се потребни во текот на еден ден и како да се утврдат нивните енергетски и нутритивни содржини. Објаснето е и значењето на нутритивната етикета на прехранбените производи, а дадени се насоки за нејзино читање и толкување вели Маријана Лончар, претседател на ОПМ. Таа објаснува дека страницата содржи и информации за тоа како да се препознаат триковите што ги користат производителите и трговците на храна, но и за влијанието на прехранбените избори врз животната средина.
– На страната може да најдете семафор кој ќе помогне да се одреди дали одреден прехранбен производ е препорачано да се користи поретко или почесто во исхраната, како и калкулатор за препорачаното дневно внесување енергија и прехранбени производи вели Лончар.