Велат дека иднината на државата е во развојот на земјоделската дејност и дека иднината е на младите. Колку младите луѓе се заинтересирани за земјоделска дејност е проблем кој допрва ќе се чувствува. Земјоделието во руралните средини е наметнато и многу од младите, кој повеќе, кој помалку се вклучени во земјоделските активности. Согласно Законот за рурален развој младите може да користат помош од државата која се реализира преку Програмата за рурален развој за 2018 год. Со мерката млад земјоделец државата им дава можност, на лицата до 40 години, а се невработени, да отпочнат свој бизнис. Млади има, а и невработени се, но ретко кој се одлучува да се занимава со земјоделие. Секоја чест на исклучоците, но и нив ги има. Минатата година платежната агенција склучи договори со 424 млади земјоделци за кои државата одвои 4 милиони евра.
Севдет Ќулафовски од с. Велушина битолско не е од тие среќлии. Има 24 години и од мал помага во семејството околу земјоделските активности, за сега да биде и носител на дејноста. Во разговорт за Зелена берза не информираше дека на неколку пати аплицирал за да искористи средства од некоја од програмите за поддршка, но неговите обиди останале без успех. Тоа не го обесхрабрило да не бара други начини за да снабди се’ она што му е неопходно.
„Јас немам користено ниту една мерка се што имам набавено сум платил во кеш.Имав поддаено документи, но ништо ни немаат одобрено. Знам дека има нов повик за млад земјоделец, ама не размислувам да аплицирам, оти не ми треба ништо, се си имам, ги имам сите работи“.
Има 40 грла молзни крави и дневно добива 250 л млеко. Соработува со битолската млекарница.
„Цената на млекото не е баш убава. Треба да е повисока.Моментално е 18ден/л и добро е што се исплаќа навреме, ама да беше барем малку повисока оти имаме високи трошоци. Сега засега не планирам проширување и зголемување на стадото. Бериќат добиваме нешто субвенции, со нив нешто покриваме“, вели за Зелена берза Севдет Ќулафовски.
Севдет одгледува пченка на 4 ха, дел во зрно дел за силажа. Очекува 12 тони род од кои дел ќе зачува за сопствени потреби, а другото ќе го продај. Очекува добар род и од компирите кои ги има на помала површина. Вели дека годината се погодила.
Не се жали и вели дека сега за сега му е добро, но својата иднина ја гледа во странство.
„Ако нешто се промени и се направи нешто подобро, нема да го напуштам местото, ама ако оди вака како што е… Не се седи вака, ќе одам во странство“, вели Севдет Ќулафовски од с.Велушина.