fbpx
Вести

Нивите ни се расцепкани, производите неконкурентни

Македонските земјоделци се сопственици во просек на 1,6 хектар обработливо земјиште, кое е најчесто расцепкано на пет или повеќе ниви, раздалечени и до пет километри. Тие се соочуваат со несоодветна инфраструктура, патишта кои им минуваат врз земјата, застарен систем за наводнување и други проблеми кои им го намалуваат производниот капацитет, а нивните производи ги прават неконкурентни на пазарите.

Размена или распределба на земјоделското земјиште со цел да се постигне окрупнување на парцелите е целта на проектот за консолидација на земјоделското земјиште што го спроведува Министерството за земјоделство, со поддршка на Европската Унија и ФАО. Практичната реализација започнува денеска, а во следните неколку месеци на пет локации низ земјава ќе започне процесот на окрупнување на земјоделски површини.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека денеска започнуваат средбите со земјоделците во Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари кои треба да го консолидираат своето обработливо земјиште. Веќе се склучени договори и со три геодетски компании кои треба да изготват физибилити-студии за начинот на окрупнување на конкретните локации.

„Ќе се спроведува детална проценка на моменталната состојба на терен за да се утврди подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште за вклучување во процесот на консолидација. Избраните геодетски компании ја добија првата обука за изготвување физибилити-студии преку кои ќе се провери дали се задоволени сите предуслови за успешно окрупнување на површините во избраните пет области“, истакна Николовски.

Постојат два начини на окрупнување на расцепканите ниви, кои на земјоделците им нудат од целиот процес да излезат задоволни, со иста големина и квалитет на земјоделско земјиште со кое располагале и претходно, но со парцели со правилна форма. Првиот е размената на земјиште што се врши без промена на катастарските парцели, а вториот распределбата во која се бришат катастарските граници и се исцртуваат нови, со правилни форми и се предвидува нова инфраструктура.

„Во март годинава ги објавивме првите 12 избрани локации со најголем потенцијал и интерес за окрупнување на земјоделското земјиште: Стојаково, Логоварди, Трн, Оптичари, Жабени, Лешани, Чешиново, Соколарци, Спанчево, Чифлик, Царев Двор и Моноспитово. Проектот за консолидација не завршува со нив, туку ќе бидат избрани уште 12“, нагласи министерот.

Вирве Вимпари од Делегацијата на ЕУ во Скопје и Вилма Даугалине, главен технички советник на ФАО во проектот „Маинланд“, потенцираа дека процесот на консолидација не е воопшто едноставен и за негово успешно спроведување е неопходна соработка, како и координација меѓу сите чинители: институциите, науката и земјоделците.

Според Даугалине, крајната цел е одржлив развој и креирање подобри услови не само за земјоделците, туку и за граѓаните воопшто, а придобивките се социјални, економски и еколошки.

 


 

nezavisen.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close