Заврши жетвата на ориз во Кочанско
Годинашната жетва на оризот во Кочанско е завршена навреме, при што од засеаните 2.600 хектари се собрани околу 15 илјади тони оризова арпа.
Добрите временски услови, обезбедената механизација, но и преполовените површини на кои беше застапена оваа земјоделска култура во споредба со претходните години, придонесоа жетвените активности да се комплетираат за четириесетина дена.
Од подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани потврдија дека се добиени просечни количини од единица површина, а квалитетот на зрното е подобар во споредба со лани.
-Приносот од хектар во просек е над 5.500 килограми, а на одделни површини земјоделците имаат и рекордни количества со ожнеани повеќе од осум тони арпа. Околу две третини на полињата во регионот беа засеани италијанските сорти ориз, а остатокот отпаѓа на сортите што пред неколку години беа увезени од Турција. По прибирање на реколтата очекуваме да видиме каков ќе биде рандманот, односно колкави количества бел ориз ќе се добијат по лупењето, иако има најави дека овој сооднос ќе биде повисок во споредба со минатите години, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица за земјоделство во Кочани.
По завршувањето на жетвата, најголем дел од земјоделците арпата ја складираа во домашните амбари, во очекување на подобри откупни цени. Во моментот откупните претпријатија за килограм арпа исплаќаат од 13 до 15 денари во зависност од сортата, поради што предадените количини се мали.