Зелена берза продолжува да ги следи и да учествува на информативните настани поврзани со престојниот повик на ИПАРД 2 програмата. Овој пат заедно со Регионалната комора со седиште во Штип, во соработка со Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделието и Општина Чешиново-Облешево, организира заеднички информативен настан на тема: „ИПАРД 2 – Европски пари за агробизнисите“ за земјоделци од овој регион. Целта беше да се информираат потенцијалните апликанти за можностите кои ги нуди новата ИПАРД Програмата 2014-2020.
На овој информативен настан акцент беше ставен на
– Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и
– Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи.
Од страна на Валентин Захариев, претставник на АПРЗ од Кочани беа претставени можните инвестиции, критериуми како и потребните документи за поднесување на барања и склучување на договори.
Присутните земјоделци со голема доза на скептицизам потсетија на проблемите од минатото. Мијалче Кузманов, оризо производител дојде на настанот да се информира дали нешто ќе се смени од порано.
„ Аплицирав многу одамна 2007, тогаш имаше многу документи и едноставно се откажав. Пробав да аплицирам, но не знам каде застана работата. Нешто ако фали во документите, ќе се соберат и на крајот пак ништо, а зошто никој не знае.Слушам дека оние што аплицирале последните години во 2016, од оние што ги познавам не добил ниту еден. Кажуваат дека не се излегува на крај. Од новиот повик очекувам да се подобрат работите, ако некој аплицира како што треба нека добие“ вели Мијалче.
Од надлежните институции уверуваат дека во однос на обезбедувањето на документацијата процедурата е олеснета, но треба да се почека уште малку, да биде објавен повикот па да се знае што се е потребно за да се добијат пари за некоја од мерките по ИПАРД 2 програмата.
Сашко Ефремов од СИНПЕКС Битола пред присутните ги презентираше услугите и производите што оваа реномирана компанија може да ги понуди, од совети и консултански услуги до најсовремена земјоделска и приклучна механизација.
„Синпекс е подготвен за новиот повик на ИПАРД што е најавен за почетокот на месец ноември. Ги нудиме комплетните програми на трактори и ситна и приклучна механизација, нудиме совети за консултантски услуги со бесплатно подготвување бна деловни планови како и поддршка преку сите македонски деловни банки со свои кредитни линии“,посочи Ефремов.
Павлина Јовановска
Зелена берза