fbpx
ВестиТоп вести

Со квалитетна почва до квалитетно производство

 

 

„Квалитетот на почвата – клучен фактор за поефикасно  земјоделско производство“ е темата на предавањето што Здружението за едукација на земјоделците Зелена берза го организираше за земјоделци од Пелагонискиот регион.  Предавањето се организира во соработка  со Скопски легури, Проанализ Струмица и Синпекс Битола.

Досегашните искуства покажуваат дека почвата хемиски е многу третирана. Стручните лица посочуваат дека секој земјоделец мора да обрне повеќе внимание на квалитетот на земјоделската површина што ја обработува без оглед на културата што се одгледува.  Само квалитетна почва може да произведе квалитетен производ.

 

„Секој земјоделец  треба да ја познава својата почва и без оглед на се’ треба прво да направи анализи,  соодветно да делува за почвата да ја прилагоди за употребна вредност. Тоа значи користење на најразлични подобрувачи,  агрохемиски  и други  средства за да може да го искористи  бенефитот од самата почва што ја поседува. Овој процес е доста спор,  да бидеме реални и   доста тежок,  тешко доаѓаме  до земјоделците , тие го сфаќаат она што го кажуваме но  не го применуваат“, изјави за Зелена берза  Љупчо Деспотовски  дипл. инж. технолог од Скопски легури.

Без да се направи хемиска анализа на почва не смее да се пристапи со третирање на истата, препорачуваат стручните лица.  Агрохемиската анализа е од големо значење. „За поголеми приноси не смее да се штеди на агрохемиска анализа“ е темата на која говореше дипл. инж агроном  Зија Саидов од Проанализ Струмица.

 

„Многу е битна анализата на почва, не може да се замисли производство  без да се направи хемиска  анализа на почва. Пред секое сеење или садење треба да се врши агрохемиска анализа, да се види кои хранливи состојки ги содржи почвата, кои се вишок кои ги има помалку.  Понатаму се одредува прихранувањето на  почвата за подобар квалитет со што ќе се добие и  квантитет “, изјави Зија Саидов.

 

На предавањето присуствуваа голем  број на земјоделци. Признаваат дека анализата е од големо значење и дека мора да ги менуваат навиките. Еден од нив е Васко Неделковски од с.Вашерејца  кој се занимава со одгледување на пченка, пченица и градинарски култури.

„До сега не сум правел анализа на почва, но по овие излагања од Проанализ,  најискрено  сфатив  дека без анализа нема земјоделство. Можеме ние да прихрануваме, ама тоа треба да биде конторлирано. Ние како земјоделци губиме и непотребно ѓубриме, не знаеме што ѓубриме и со што и  какво ѓубре да употребиме.  Дефинитивно  мора  анализа за да знаеме што да ѓубриме“ вели Неделковски.

Покрај анализата на почва за подобрување на нејзиниот квалитет може да се применуваат подобрувачи . На  денешното предавање пред присутните беше презентиран производот „Тераграмин“ – подобрувач на својства на почва.

 

Мирослав Васовиќ дипл инж агроном во Скопски легури го препорачува овој производ бидејќи со  неговите физички  и хемиски својства влијае на промена на структурата на самата почва, ја менува и ја прави растресита и  лесно обработлива.

„Тераграминот има својство  да впива до 60% вода во себе и хранливите материи во самата почва  да ги дистирибуира до кореновиот систем.  Допринесува  самиот корен  да се развива рамномерно и да може да ја врши функцијата  да го храни растението.  Има  својство на  регулатор на пх вредност на почвата, ја балансира, и прави  еден вид јонска измена:  на  позитивни и негативните јони.  Исто така има својство да ги задржува во себе токсичните материи, тешките метали како и носачите што се во ѓубривата ги држи во себе и ги неутрализира,  едноставно речено , бидејќи таква му е нговата кристална решетка во својот состав“, вели Васовиќ.

 

„Употребата на тераграминот зависи од хемиската анализа на почвата, најпрво треба тоа се направи , да се утврди типот на почвата и пх вредноста како и елемнтите што ги содржи. Колку ќе се употреби тергарамин зависи и од културата што ќе се одгледува“, додава Васовиќ.

Тераграминот не се употребува секоја година. Досегашните испитувања и следења покажуваат дека после првото аплицирање во почвата неговото својство трае минимум 5 години.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close