Порано со илјадарка можеше да се купат многу работи, сега една кеса продукти и пак е малку за еден ручек
Порано со илјадарка можеше да се купат многу работи, сега одвај една кеса продукти и пак е малку за еден ручек, велат граѓаните на Скопје, кои секојдневно се соочуваат со високите цени во маркетите, пазарите.
Платите стагнираат, пензиите не се накачуваат, а цените се кренати до плафон, истакнаа скопјани.
Трошоците на живот во октомври 2018 бележат пораст од 0,3 отсто во однос на септември, а во однос на октомври лани 1,5 отсто. Цените на мало, пак, забележале раст од 0,4 отсто во однос на септември годинава, а во однос на октомври лани 2,7 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 4,3 отсто, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 1,8 отсто, замрзнатото овошје за 1,1 отсто, другите прехранбени производи за 0,8 отсто, рибата и морските плодови за 0,7 отсто, трбушките, јогуртот за 0,5 отсто, конзервираното овошје за 0,4 отсто, лебот и житата и алкохолните пијалаци за 0,2 отсто.
Во октомври 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај гасот за домаќинствата за 6,6 отсто, течните горива за домаќинствата за шест отсто, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 4,4 отсто, обувките, услугите за сместување за 2,7 отсто, ветеринарните и другите услуги за домашни миленици за 1,4 отсто, туристичките пакет-аранжмани за 1,1 отсто, лековите за 0,8 отсто, облеката за 0,7 отсто, цврстите горива за 0,5 отсто, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0,4 отсто, услугите за култура за 0,3 отсто, другите медицински производи, информатичката опрема, накитот и часовниците за 0,2 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за шест отсто, сувото овошје и јаткастите производи за 3,5 отсто, маслото и маснотиите зa 1,8 отсто, другите преработки од месо за 0,5 отсто, месото, сирењето и урдата за 0,2 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај средствата за чистење и одржување на станот за 1,4 отсто, телефон и телефакс-опремата за 1,3 отсто, авионскиот превоз на патници за 1,1 отсто, парамедицинските услуги за 0,9 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, домашните миленици и сродни производи за 0,4 отсто и големите електрични апарати за домаќинствата за 0,3 отсто.