Со планот за наводнување за идната година се зголемуваат површините под ориз во Кочанско
Водостопанската подружница “Брегалница“ од Кочани го објави планот за наводнување за 2019 година, при што за околу една третина се зголемени површините што ќе се засеат со ориз.
Наместо 3.500, догодина во Кочанско ќе се наводнуваат 4.400 хектари оризови ниви, а се планира вода да се обезбеди уште за 1.000 хектари со други земјоделски култури.
-Месните заедници навреме ги доставија барањата за количините вода што ќе им бидат потребни за наводнување на нивите во нивните атари, што помогна веднаш по завршувањето на овогодишната жетва на оризот да ги сумираме добиените податоци и да го изготвиме планот. Документот е веќе објавен во водостопанската подружница во Кочани, како и во просториите на месните заедници во селата, така што сите земјоделци навреме ќе можат да го планираат производството и да ги подготват површините за новата сеидба напролет, истакна Дени Митров, директор на водостопанската подружница „Брегалница“.
Во моментот во акумулацијата Калиманци има 52 милиони метри кубни вода, што според Митров за овој временски период е солидна количина. За да може планот да се реализира во целост ќе бидат потребни 110 милиони метри кубни вода, но се очекува до започнувањето на наводнителната сезона во април да се обезбедат преостанатите количини во акумулациите од хидросистемот „Брегалница“.
Во меѓувреме работници и градежна механизација на водостопанската подружница од Кочани се ангажирани на расчистување на каналите и речните корита во регионот, за да се избегне поплавување на земјоделските површини во претстојниот период на зголемени врнежи.
Според планот за чистење, во катастарските општини Кочани, Грдовци и Мојанци, опфатени се канали и вади со вкупна должина од 45 километри, во Подлошко околу 12, во Прибачевско 11 и во Оризарско 7,5 километри. Исто така, прочистување ќе се направи и во катастарската општина Истибања, каде има нешто помалку од четири километри каналска мрежа.