За една година од ИПАРД македонските земјоделци добиле поддршка од 17,6 милиони евра
Вкупно 940 договори во рамки на ИПАРД програмата и пласирани 17,6 милиони евра дадени по основ на договори со земјоделците минатата година регистрирала Агенцијата за финансиска поддршка и равој на земјоделието (АФПЗРМ), информираше денеска директорот на АФПЗРМ Никола Бабовски.
Тој потенцираше дека ИПАРД програмата е една од поуспешните која се имплементира во македонското земјоделие.
– Со потпишани 940 договори во рамки на ИПАРД програмата и пласирани 17,6 милиони евра дадени по тие договори на нашите земјоделци, докажавме дека и ИПАРДОТ може да биде успешна програма и дека се навистина значајни финансиски средства кои ги добиваат земјоделците преку оваа програма, рече Бабовски.
– Веќе ја најавивме мерката 1 и мерката 3, односно мерката која е предвидено да ја олесни работата на преработувачките капацитети и земјоделска механизација, особено во делот на модернизација на земјоделските стопанства така што очекуваме заеднички оваа успешна ИПАРД приказна ја продолжиме, а со тоа со домашните мерки да им дадеме целосна поддршка на нашите фармери, истакна Бабовски.
Бабовски е задоволен и од интересот за мерката „Млад земјоделец“ со која 1040 апликанти очекуваат да влезат во потесниот круг на земјоделци кои ќе ги исполнат потребните критериуми за добивање финансиска подрршка од агенцијата за наредната година.