fbpx
ВестиВидео/интервјуаТоп вести

„Најуспешни бизниси се тие преку кои се решаваат проблеми на многу луѓе“ вели Сузана Димитриевска – жена претприемач

Зелена берза продолжува со рубриката  „ Женско претриемништво“. Овој пат ви ја претставуваме Сузана Димитриевска управител на компанијата „Липа“ од с. Мустафино општина Св Николе.

Како е да се биде жена претприемач во светот на бизнисот во кој преовладуваат мажите? Со ова прашање го започнавме разговорот со Сузана Димитриевска, додека не послужуваше  по оној стар македонски традиционален обичај со слатко и вода. Насмеана и ведра започна да ја раскажува нејзината приказна,  жена – претприемач.

„Да се биде жена претприемач во денешно време и да се бориш да опстанеш  во светот со кој претежно управуваат мажите,  воопшто  не е лесно. Кога ќе се сетам на почетоците, во првите години од мојата работа, беше многу тешко. Често се случуваше кога сакам да воспоставам некој контакт, наместо со мене за разговор го бараа мојот сопруг. Бизнисот е бизнис,  и за мажот и за жената, сеедно кој го управува. Треба да си  храбар и да се носиш со ризиците,  важни се  одлуките кои се носат, а не кој ги носи, вели Сузана. Посебно за да се функционира во една рурална средина потребни се 2-3 часа повеќе, за да може покрај професионалните обврски да се реализираат и оние домашните обврски што произлегуваат од нашата традиција, а  се налага да ги заврши жената. Жената која истовремено е и мајка, сопруга и има еден куп обврски во домот, додава Сузана“.

Вистинска одлука во право време

Сузана Димитриевска  почетоците на „ЛИПА“ ги почнув во далечната 1994 година. Била без работа, која во тоа време било многу тешко да се најде, посебно во рурална средина.Своите работни почетоци ги има во колонијална продавница, но не било каква, туку продавница во која се продава органски произведена храна.

„Најтешко е да се докаже дека вашите одлуки се вистински, ми беше предизвик моите идеи со органското производство да ги преточам во реалност“, вели Сузана Димитриевска. Упорноста и вербата во своите идеи најмногу и помогнале   да успее во тоа што го работи.

„Не сум ниту земјоделски инженер, ниту агроном. Морав да размислувам што  е она што го имаме околу нас? Од што може да се направи некој бизнис за да дојдеме до пари. Во тоа време тренд  беше во селата да се отвораат колонијални продавници. Одлучив  да отворам продавница. Ја формирав „Липа“.Покрај продавницата со семејството одлучивме да се обидеме и со земјоделско производство на органски начин. Во Македонија предизвик е да се произведува органски , затоа што голем дел од нашите фармери кои што живеат во руралните  средини произведуваат на  многу традиционален начин за кој сметаат дека е органски. Но тоа е многу голема грешка бидејќи органското производство е систем од многу комплексни мерки, што треба да се следат од самиот почеток па до крајот и самата продажба на производот за што е потребно да се поседува  сертификат. Почнавме со житарици, зедовме 50 ха државно земјиште под наем. Се покажа дека во тоа време пазарот беше многу слаб. Многу малку од луѓето беа заинтересирани  да купат органски производи. Сеуште може да се каже дека пазарот во Македонија за органско производство  е недоволно развиен, иако ситуацијата во последните две години драстично се менува. Имаме многу побарувања за различен тип на производи така што сега се наоѓаме во ситуцаија  кога нема доволно понуда на органско производство . Моравме да се прошириме. Испробавме се’, многу видови производи, во делот на градинарски, овошни култури, житарици во делот на сточна храна. Подоцна по неколку години почнавме да рзмислуваме што е тоа што ни го бараат купувачите“ додава таа.

„Ситуацијата беше постојано менлива, но за среќа немавме проблем да го пласираме она што ќе го произведеме.Се покажа дека странскиот пазар е многу заинстерсиран за органското производство. Почнав со  вмрежувања со многу организации, учествував во реализација на проекти. Се трудев да се едуцирам во повеќе делови  на земјоделското  производство. Имав среќа да додјам до контакт со претставничка од Швајцарија.  Беа заинтерсирани да направиме соработка за извоз на грав  и тоа  две врсти на грав. За мене тоа беше одлична ситуацуија за развој на фирмата“.

Поддршката  е од големо значење за да се успее во бизнисот.  Женските претприемачи потешко стигнуваат до финансии

За да успее во она што го работи, на Сузана и’ била потребна поддршка. Вели дека, доколку би бил некој маж на нејзино место, одамна ќе се откажел. Семејството и’ е најголема поддршка, но не е доволно само тоа. Финансиската поддршка е исто многу важна за развојот на еден бизнис.

„ Искуството покажува дека женските претприемачи се соочуваат со проблем кога бараат поддршка од некоја финансиска куќа. Во руралните средини имотните листови се водат на име на мажите, па доколку некоја жена сака да побара кредит од банка, неможе да го добие бидејќи нема имот што се води на нејзино име. Моите познанства со други организации и вклученоста во различни проекти ми помогнаа да се едуцирам, да барам решенија за различни ситуации и да не се откажувам. Воопшто не беше лесно. Сега гледано од оваа дистанца, драго ми е што успеав да инволвирам во бизнисот многу жени. Фирмата „Липа“ се вклучи во ЗЗ Еко Илинден“, раскажува Сузана.

 

Најуспешни бизниси се тие преку кои се решаваат проблеми на многу луѓе

„За мене  е голем успех бидејќи работиме за многу софистициран пазар каде се барат  најдобрите висококвалитетни органски производи  и сметам дека  можеме да произведиме за секој.

Оваа година  вложивме  во грозје и  лозов насад од  4ха, така што имаме неколку врсти  вино, ракија, разни видови на житарици, брашна, маџун од лозје, две врсти на грав, кајсии (некогаш е ризично тоа производството на кајсии) и останатото ни е произвдство на сточна храна, јачмен луцерка аспазета ( вид луцерка  погодна  за сушни предели).

Со членките од ЗЗ Еко Илинден се вклучуваме во многу проекти и ја користиме секоја можност да направиме  нешто што  ќе биде интересно и  ќе го поромовира селото и начинот на живот во него. Правиме слатко од моркови и други производи, зимница,  ајвар, џемови, различен вид на ракија, од мента и сл. и сето тоа планираме да биде еден дел од развојот на самата задруга“.

Размислуваат да му дадат додадена вредност на се’ она што го произведуваат  и што може повеќе да го промовира  животот на село.

  

Снабдување на домашниот пазар со што повеќе органски производи

 

За жал домшниот пазар не е многу снабден со органски производи. За сега во производите  на „Липа“ и ЗЗ „Еко Илинден“ може да уживаат само странските граѓани и секако оние луѓе што ќе ја посетат продавницата на „Липа“ во с. Мустафино. Желба и’ е на Сузана производите да стигнат до што поголем број граѓани.

Голем недостаток на органскоото производство е тоа што фармерите не се доволно организирани меѓу себе во една „чадор“ организација која ќе ги информира за се’.

Сузана се потсетува на првите субвенеции што ги добила за својата работа и како на тоа гледала со недоверба.

„Кога видовме пари на сметка на име субвенции,  не  ги „чепнав“  пола година бидејќи ми беше страв. Мислев дека треба да ги вратам.  Не ми се веруваше дека  државата води сметка за нас. Една од најдобрите работи во земјоделството е субвенционирањето,  но не треба да е основен мотив за некој да се занимава   со земјоделство“, вели Сузана Димитриевска.

Задоволна е и горда на она што го има постигнато до сега. Има уште многу идеи кои чекаат реализација, и секако подобри времиња, но воопшто не се плаши од работа. Ги сака предизвиците, верува во своите идеи и им порачува на сите кои што имаат некоја издржана идеја, храбро да се борат за неа и да не се плашат да запливаат во светот на бизнисот.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close